УЕФА Европа лига - група Л - 6 коло

Партизан нема да калкулира против Аугсбург

10.12.2015 13:40

Во Партизан потенцираат дека против Германци не смеат да калкулираат, дека сакаат четврта победа во групата Л...

Во седмиот настап во УЕФА лигата, Партизан има шанса по 11 години да презими во Европа, додека Аугсбург како дебитант е пред историска можност да се пласира во нокаут фазата. Предноста на второпласираните црно - бели во однос на Германците е тројна, трите бода позитива на табелата, победата во првиот меѓусебен дуел од 3:1 и домашниот терен. Тоа значи дека на белграѓани им одговара и пораз од 2:0, Аугсбург би влегол во шеснаестинафиналето и со триумф од два гола разлика, но со минимум три постигнати погодоци.

Во Партизан потенцираат дека против Германци не смеат да калкулираат, дека сакаат четврта победа во групата Л, место во втората вредносна конкуренција пред извлекувањето и потсетување на сезоната 2004-та / 2005-та кога стигнаа до осминафиналето и дуелите со ЦСКА Москва. Со исклучок на дефанзивецот Балажиц, Партизан ќе биде комплетен, Бандаловски ќе се врати на бековската, а Фабрисио на стоперската позиција. Тренерот Друловиќ најавува офанзивно трио без Божинов, со Оумуару, Нинковиќ и со суперталентираниот Живковиќ.

Спротивно, со големи проблеми се соочува германскиот стратег Вајнцирл поради суспензиите на Есвајн и Кор. повредите на Клаван, Вернер, Хонг и Шустер и незивесноста дали ќе настапи вториот стрелец со пет гола во УЕФА Европа лигата, Бобадиља. Иако во Аугсбург посочуваат дека бундеслигашкиот деул со Шалке им е поважен бидејќи се во зоната на испаѓање, не се откажуваат од сензација на стадионот на Партизан којшто ќе биде со намален капацитет, но најверојатно исполнет, значи 25 илјади гледачи.

Преносот од дуелот од шестото, завршно коло, Партизан - Аугсбург ќе биде на МРТ1 во 21 часот и 05 минути.