Ракомет - СЕХА лига - 14 коло

Иако не играше добро, Вардар го совлада Татран

15.12.2015 20:15

Истрошени од четирите натпревари за седум дена и веќе со мислите на Европското првенство, вардарци одиграа под своите можности, но сепак ја остварија десетата СЕХА победа со којашто се зацврстија на врвот на табелата...

Вардар и кога не игра добро, црвено – црните за нијанса беа поумешни и посреќни и затоа слаева на гостувањето кај Татран со 28:27. Истрошени од четирите натпревари за седум дена и веќе со мислите на Европското првенство, вардарци одиграа под своите можности, но сепак ја остварија десетата СЕХА победа со којашто се зацврстија на врвот на табелата.

Во рамноравен дуел во чијшто најголем дел нападите беа подобри, Врадар прв се одлепи на плус 4 во 36-та минута и тоа со серија од 6:1. И место рутинско завршување на мечот, ракометарите на македонскиот шампион се опуштија, па со низа од 8:3 Словаците поведоа со 23:22. Сепак, во израмнетиот финиш, клучни беа трите од 13-те интервенции на Штербик. Иако со играч помалку, вардарци не им дозволија на домаќините воопшто да шутираат во последниот напад и со тоа речиси ги исфрлија од конкуренција за најдобрите две позиции коишто обезбедуваат директен пласман во полуфиналето.

Циндриќ и Горбок беа најефикасни на дуелот со по 6 гола, Манасков и Марсениќ постигнаа по 4, кај Татран, Словенецот Фурлан реализираше пет.

Вардар е прв со 31 бод и практично обезбеди настап на завршниот турнир на којшто повторно ќе играат шест екипи. Загреб и Татран имаат по 27 бода, со тоа што хрватскиот првак е со два натпревара помалку. Веспрем е се уште без пораз, со 25 бода, но од само девет мечеви.

2015-та ракометарите на Вардар ќе ја завршат со дуелот в четврток дома против претпоследниот Спартак којшто треба да биде само посериозен тренинг. Преносот ќе биде на МРТ1 во 17.45.