Ракомет СЕХА лига 15 коло / Вардар - Спартак

Победата е пресметана, но треба да се одработи на терен

17.12.2015 11:52

Ова е последен натпревар во 2015-та, но најголемиот број вардарци ќе играат на Европското првенсво, па затоа дуелот против дебитантот во регионалната конкуренција треба да го одиграат сериозно...

Однапред добиените мечеви можат да бидат незгодни за играње, но ракометарите на Вардар се многу поквалитетни од Спартак, па затоа дуелот од 15-то СЕХА коло треба да биде само формалност. Ова е последен натпревар во 2015-та, но најголемиот број вардарци ќе играат на Европското првенсво, па затоа дуелот против дебитантот во регионалната конкуренција треба да го одиграат сериозно. Таков е и ставот на тренерот Раул Гонзалез кој сака продолжување на низата победи којашто трае четири дуели. Вардар веќе обезеди пласман на завршниот турнир, но целта е освојување на некоја од двете привилегирани позиции коишто значат директен пласман во полуфиналето.

Разликата во класи и од 21 бод веројатно ќе придонесе ракометарите со помала минутажа во првиот дел од сезоната да бидат подолго на теренот, а повредените и недоволно опоравените вардарци да одморат.

Хендикеп на претпоследнопласираниот Спартак ќе биде тоа што нема повеќе ракометари во ротација и тоа особено може да се почувствува поради фактот дека вчера втората српска екипа играше и ја совлада Струмица со 31:23. Ова беше само трета нивна победа и прва по шест порази. Суботичани признаваат дека се заморени, дека немаат шанси, но најавуваат добар отпор слично како на првиот меѓусебен натпревар кога загубија со 36:27, само затоашто вардарци во последните десет минути направија серија од 11:4.

Со евентуалната победа којашто веројатно веќе е пресметана, но сепак треба да се одработи, Вардар би ја завршил годината на првото место. Со моментален биланс 10 триумфи, едно реми и два пораза, црвено - црните се лидери со 31 бод. Отако вчера како гостин го совлада Загреб со 23:19, Веспрем е втор со 28 бода, но и три натпревари помалку. Загрепчани и Татран собраа по 27, со тоа што хрватскиот првак има и меч за доигрување.

Преносот од дуелот Вардар - Спартак ќе биде на МРТ1 во 17 часот и 45 минути.