Божиќниот пазар во Нинберг – еден од најубавите во Европа

18.12.2015 14:36

Секоја година најпознатиот германски Божиќен пазар ги отвора вратите за своите посетители на 27-ми ноември на плоштадот Хауптмаркт во центарот на Нинберг...

Нинберг, градот на прочуениот ренесансен графичар Албрехт Дурер, град познат по импозантниот средновековен кралски дворец или Нацистичкиот документационен центар; специфичниот германски колбас, црвеното пиво или традиционалниот леб со ѓумбир. Можеби најпознат и особено атрактивен во овој зимски период поради еден од најстарите и со сигурност еден од најубавите Божиќни пазари во светот -  Christkindlesmarkt.

Со почетокот на зимата доаѓаат и привлечните мириси на греено вино со цимет, печени карамелизирани бадеми, пунч од различни видови овошје, топол леб со мирис на ѓумбир коишто го исполнуваат воздухот во овој град.

Сето ова започнува со отворањето на Christkindlesmarkt, Божиќниот пазар во Нинберг, којшто годишно примамува околу два милиона туристи од различни краишта на светот.

Секоја година најпознатиот германски Божиќен пазар ги отвора вратите за своите посетители на 27-ми ноември на плоштадот Хауптмаркт во центарот на Нинберг. Точно во пет часот наутро во петокот пред Адвент ( денот кога Исус Христос пристигнал на земјата ), еден Божиќен Ангел го отвора пазарот со рецитација на свечена увертира од галеријата на прекрасната црква Нашата Дама – едно од најголемите обележја на градот.

Секој ден, се до католичкот Божиќ или 24-ти декември, токму поради овој пазар, Нинберг е голема светска туристичка атракција.

Тој дел од градот се нарекува „малиот град од дрво и платно“, бидејќи опфаќа околу 180 тезги декорирани во црвена и бела боја. Сопствениците на тезгите внимаваат како ќе ги украсат своите простори, за се да биде беспрекорно и во духот на големиот празник Божиќ. Карактеристичните божиќни украси, елки, орнаменти, лампиони, свеќи, играчки, како и рачни изработки ги прават тезгите вистинско ремек дело и го мамат погледот на бројните туристи, оставајќи ги без здив.

На пазарот исто така може да се најдат и така наречените „нинбергски луѓе од сливи“, тоа се мали фигури направени од суви сливи и друго сушено овошје. За да биде уште поубаво разгледувањето, на секој агол од пазарот може да се купат печени колбаси и чаша вкусно варено вино.

Интересна е врската меѓу Нинберг и нашиот главен град Скопје, чијашто меѓусебна соработка трае половина век. Нинберг е еден од градовите којшто се вклучува во солидарноста кон изградбата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963-тата година, а од 1982-та година и официјално се потпишува договор за меѓусебна соработка меѓу двата града.

Соработката меѓу Скопје и Нинберг се продлабочува и со воведувањето директна авионска линија на релација Скопје-Нинберг од оваа година, а како партнерски град и Скопје секоја година има свој репрезентативен штанд на Божиќниот пазар во Нинберг.

Александра Јовановска

Фотографија- Кристине Диренбах