Осумгодишна суспензија за Блатер и за Платини

21.12.2015 20:56

Комитетот за етика на светската куќа на фудбалот ги суспендираше на осум години поради, како што стои во образложението, „нелојално плаќање“ на сума од околу два милиона долара...

Без оглед што повеќе инситуции водат правна постапка против нив, првата пресуда за Сеп Блатер и за Мишел Платини дојде од ФИФА. Комитетот за етика на светската куќа на фудбалот ги суспендираше на осум години поради, како што стои во образложението, „нелојално плаќање“ на сума од околу два милиона долара.

Во 2011-та, Платини добил пари од Блатер за советнички услуги во периодот од 98-ма до 2002-ра кога Французинот му беше технички советник на претседателот на ФИФА.  За овој ангажман Платини немал потпишано договор, туку се било на база на устно договарање. Тоа е легално според швајцарските закони, но Комитетот за етика на ФИФА го оцени како „нелојално плаќање“.

Блатер и Платини најавија жалба до судот за спортска арбитража во Лозана. „Ќе се борам за мене и за ФИФА“, рече Блатер. „Ова е маскерада со цел да се извалка моето име“, убеден е Платини.