Фудбалска војна на сите против сите!

28.12.2015 17:17

Состојбите кај нас се јасни. Фудбалот не оди напред, ниту стагнира! Тој тоне! Резултатите не се во прилог на актуелниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, а неколку поранешни фудбалери, тренери, селектори, репрезентативци, помалку или повеќе успешни спортски работници, формираа Иницијативен одбор за спас на македонскиот фудбал. Во него се звучни имиња, но во него не се многу други звучни имиња.

Колку и да има анализи, тактики, предвидувања и подготовки, скриени или отворени намери, во фудбалот се се гледа на терен и лесно се мери. Состојбите кај нас се јасни. Фудбалот не оди напред, ниту стагнира! Тој тоне! Резултатите не се во прилог на актуелниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, а неколку поранешни фудбалери, тренери, селектори, репрезентативци, помалку или повеќе успешни спортски работници, формираа Иницијативен одбор за спас на македонскиот фудбал. Во него се звучни имиња, но во него не се многу други звучни имиња.

А по сушна фудбалска година, во којашто е тешко да се издвои добро од лошо, во којашто нема видлив прогрес, туку константен регрес, раководството ќе става розови очила и ќе објаснува дека топката е округла, што е пукање во празно, а претендентите за тронот ќе ветуваат дека сигурно ќе направат повеќе. А како и што ќе направат ако не можат да се договорат кој е на списокот поддржувачи, а кој не е!!!

Откако иницијативниот одбор ги обелодени намерите и јавно ги истакна имињата на потписниците на иницијативата, експресно стигнаа деманти. Кочо Димитровски, Драган Мутибариќ, Жарко Стојановски, Петар Ранготов и Љубешко Велковски демантираа дека ставиле потпис на иницијативата за промена на Илчо Ѓорѓиоски. И сега што? Офсајд, индирект или аут? Море треба да биде прекин! Затоа што овде кај нас, па и во конретниов случај некој некого лаже! А многу веројатно е дека сите лажат! И затоа прекин! И се од почеток!

Затоа што целта е на теренот да победат моралните, перспективните, неоптоварените со суети и со сеништа од минатото. Потребни се менаџери, сега со префиксот фудбалски! Менаџери што знаат да управуваат со човечки и со материјални ресурси! Во случајот искуството не е предност, туку тежина! Потребни се луѓе кои досега никогаш не влегле во македонските фудбалски лавиринти во коишто не важи даденииот збор, а образот честопати е ѓон!

Страниците на македонската фудбалска историја се пишувани и бришени неколкукратно. Време е да послужат за потпал. И да почнеме да пишуваме на нови, целосно бели!