Спортска личност за 2015 - Кире Лазаров

31.12.2015 17:07

Евгениј Поп Ацев беше најиздржливиот пливачки маратонец во светот. Перо Антиќ играше конференциско финале во НБА лигата. Каратистите жнееја медали од големите собири и потсетија дека Македонија може и во помалите спортови...

Ја испраќаме и спортската 2015-та. Беше богата, инспиративна, исполнуваше желби, уриваше надежи. Но ќе ја паметиме. Во нашата спортска меморија ќе останат неколку големи достигнувања. Ракометарките на Вардар беа трети во Европа. Македонските одбојкари играа финале во Европската лига. Ракометарите го направија Скопје главен град на Лигата на шампионите.

Евгениј Поп Ацев беше најиздржливиот пливачки маратонец во светот. Перо Антиќ играше конференциско финале во НБА лигата. Каратистите жнееја медали од големите собири и потсетија дека Македонија може и во помалите спортови. Но, во овој случај субјективно, а веруваме дека е објективно, најсјајна е ѕвездата на Кире Лазаров.

Кога најдобриот ќе ја мине најдобрата година, тоа мора да е историја. Синоним за успех на теренот, синоним за почит надвор од него.

Првиот со илјада гола во Лигата на шампионите, предводникот на Барселона до титулата европски шампион. Генералот на македонскиот репрезентативен ракомет Кире Лазаров, според нашето скромно мислење, е спортска личност за 2015.