Нова победа на МЗТ Скопје, за 5 место во АБА лигата

03.01.2016 19:30

Мечот обилуваше со пресврти и големи осцилации во двата тима, а стартуваше со 9 :1 за домашниот тим за само две ипол минути игра.

МЗТ Скопје успешно ја почна Новата година, со убедлив гостински триумф над Игокеа од 86 :70. Мечот обилуваше со пресврти и големи осцилации во двата тима, а стартуваше со 9 :1 за домашниот тим за само две ипол минути игра. Но, по реакцијата на Јончевски од клупата штрковите се разгоропадија и во наредните 3 минути возвратија со 10:1 за нивно прво водство, по што продолжија рафално и со 5 тројки четвртината ја завршија со 31:16. Домашните делуваа загубено, но се вратија со серија од 10:0 во средишницата на втората четврина и намалија на само 5 негатива. Тогаш на сцена стапи Дамјан Стојановски со две тројки за враќање на двоцифрената предност која остана до крајот на полувремето.           

Смирената игра и прецизност во нападот му донесе највисока разлика за МЗТ кон средината на третиот период од 61:41, по што одново следуваше серија од 12 поени за Игокеа како закана за нов пресврт. Сепак, тоа не се случи затоа што металците одиграа мирно, концентрирано а и секогаш имаа доволно расположени играчи во нападот. Последната четвртина ја одигра најконстантно и благодарение на далекуметните проектили  го добија мечот убедливо со 86:70. Иако имаа 9 скокови помалку од домаќинот, постигнаа 16 наспротив 4 тројки на Игокеа, а имаа и 6 загубени топки помалку.

Дамјан Стојановски имаше одличен ефект со 5 тројки од 7 обиди, Дреновац беше најефикасен со 27 поени, Љубичиќ додаде 16 а Мијатовиќ 13 поени. Кај домашните Раденовиќ и Коматина завршија со по 16 поени. Тоа е четврта победа за македонскиот шампион во петтиот натпревар под водство на тренерот Јончевски, вкупно осма сезонава која во моментов го искачи на 5 позиција по 18 одиграни кола. Серија која треба да продолжи следната недела, кога во “Јане Сандански“ ќе гостува последнопласираната Сутјеска.