Ракомет

Уште реми на Македонија против Словенија

05.01.2016 21:05

Овојпат 23:23 во Целје, во натпревар во којшто во финишот решвааа цврстите одбрани. Во последните осум минути Македонија не постигна ниту еден погодок.

И во вториот контролен натпревар пред Европското првенство, ракометната репрезентација на Македонија одигра нерешено против Словенија. Овојпат 23:23 во Целје, во натпревар во којшто во финишот решвааа цврстите одбрани. Во последните осум минути Македонија не постигна ниту еден погодок.

Дека на нашите ракометари им е важен резултатот, покажа стартот на натпреварот. На водството на домаќините, Македонија одговори со предност од 8:5 во 17-та минута. Словенците беа поразиграни на крајот на првото и почетокот на второто полувреме, па на паузата имаа предност од 13:12, а потоа и највисоки 16:13.

Тогаш следуваше најдобриот период во играта на македонските репрезентативци кои со серија од 6:2 во 43-та минута го вратија водството, 19:18, а во 52-та имаа и позитива од три гола, 23:20.

Сепак, нападот попушти, па до крајот Македонија ниту еднаш не ја затресе противничката мрежа. Словенците го искористија исклучувањето на Кузмановски и со три гола по ред за 23:23, избегнаа пораз.

Поради Божиќните празници, нашите ракометари ќе имаат два слободни дена пред завшрните контролни дуели со Црна Гора во Скопје.

Првиот в недела во 20:15 со слободен влез во Кале и со пренос на МРТ1 и уште еден в понеделник, но затворен за јавноста.