Хиршер спречи хет-трик на Кристоферсон

06.01.2016 19:11

Марсел Хиршер ја мина патеката за 21 стотинка побрзо од Хенрик Кристоферсен кој победи на претходните две трки во Вал Д Изер и во Мадона Ди Кампиљо.

Хиршер победи првпат сезонава и го презеде врвот во Светскиот куп во алпско скијање. Кристоферсон не оствари хет-трик , но се уште е на чело во техничката дисциплина. Ова е резимето на третата од вкупно 11 слаломски трка во алпско скијање сезонава, возена денеска во италијанскиот центар Санта Катарина, како замена за првично закажаната на Слјеме.

Марсел Хиршер  ја мина патеката за 21 стотинка побрзо од Хенрик Кристоферсен кој победи на претходните две трки во Вал Д Изер и во Мадона Ди Кампиљо. Трет заврши Русинот Александар Хорошилов кој беше побавен од Хиршер за 32 стотинки, иако водеше по првото возење. 17-тиот слаломски триумф на Хиршер го позиционира на третото место на сите времиња во оваа дисциплина. Повеќе од него имаат легендарните Стенмарк – 40 и Томба - 35.

Австриецот е далеку од нив, но со 36-тата победа во Светскиот куп го презеде врвот сезонава. Хиршер има 721 бод, 96 повеќе од Аксел Лунд Свиндал и дури 250 позитива пред третопласираниот Норвежанец Кристоферсен, кој е лидер во слалом со 20 бода повеќе од австрискиот ривал.

По Санта Катарина, скијачкиот карван викендов ќе биде во Аделбоден во Швајцарија каде што Хиршер и Кристоферсен ќе ја продолжат слаломската битка.