Доминација на Превц!

06.01.2016 19:16

Превц постојано беше чекор пред единствениот конкурент второпласираниот Фројнд. Во првата серија Германецот прелета 136, а Словенецот 139 метри. Во втората, Фројнд слета на 141, а Превц на 142 и пол метри и стана втор Словенец којшто победил на „Четири скокалници“.

Немаше и не можеше да има чудо или несреќен сплет на околности, па Петер Превц се радува на триумф на „Четири скокалници“. На последниот денешен настан во Бишофсхофен, Превц влезе со 19.7 поени предност пред најблискиот конкурент Германецот Северин Фројнд. И не само што успеа да ја задржи, туку и ја зголеми со доминација што одамна не е забележана на традиционалната новогодиша турнеја во скијачки скокови. Поточно од 2001-ва/2002-та, кога Свен Ханавалд победи на сите скокалници.

Превц постојано беше чекор пред единствениот конкурент второпласираниот Фројнд. Во првата серија Германецот прелета 136, а Словенецот 139 метри. Во втората, Фројнд слета на 141, а Превц на 142 и пол метри и стана втор Словенец којшто победил на „Четири скокалници“. Претходно, тоа му успеа на Примож Петерка во сезоната 96-та/97-ма. Со триумфи во Гармиш, Инсбрук и денеска во Бишофсхофен, Превц ја прекина супериорноста на Австријците кои победуваа на престижната турнеја во последните седум години. Во друштво на Превц и на Фројнд, на 64-тото издание на турнејата, Австријците можеа само да му се израдуваат на третото место на Михаел Хајбек, кој во битка за пиедесталот го потисна Норвежанецот Кевин Гангнес. Хајбек денеска заврши трет, а Гангнес петти. Со маестралниот настап, Превц ја зголеми предноста и во генералниот поредок во Светскиот куп. Сега има 205 бода повеќе од Фројнд.