Почина Дејвид Боуви, човекот кој ја промени музиката

11.01.2016 10:36

Смртта на Боуви доаѓа само неколку дена откако во петокот го објави својот последен албум „Блекстар“.

Светската музичка легенда, Дејвид Боуви, почина на 69 годишна возраст, по 1,5 годишна борба со ракот. Веста за неговата смрт ја потврди синот Данкан Џоунс, кој од медиумите во Британија побара да ја почитуваат семејната приватност.

Боуви починал мирно, во кругот на семејството. Смртта на Боуви доаѓа само неколку дена откако во петокот го објави својот последен албум „Blackstar“.

Боуви беше британски пејач, текстописец, инструменталист, продуцент, аранжер,  актер, присутен на сцената повеќе од четири децении.

Првата песна со која се прослави Боуви беше синглот „Space Oddity“ од 1969 година, која поради симнувањето на Месечината имаше голем успех. Најзначаен албум на Дејвид беше „The rise and the fall of Ziggy Stardust and the spiders from Mars“. Тоа беше концептуален албум со приказна за вонземјанин кој доаѓа на Земјата и станува мега ѕвезда, а на крајот го убиваат обожавателите. Заштитен знак на турнејата беше огромен стаклен пајак, специјално направен за таа прилика.

Низ својата кариера Дејвид Боуви имаше неколку фази, низ секоја постојано реоткривајќи се себе си како уметник.

Боуви остана активен до последниот ден. Неговиот последен албум „Blackstar“ критиката го оцени како сосема нов правец во музиката.

Покрај музиката, Боуви се занимаваше со глума, една од неговите највпечатливи улоги е ликот на Никола Тесла, кој го играше во филмот „Престиж“ на познатиот режисер Кристофер Нолан.