ЕП ракомет Полска 2016

Србија е подмладена, но не е ослабена

14.01.2016 16:25

Сигурно е дека Србија е нашата шанса! Во силна група како оваа во Краков, победа во третиот натпревар е најреална опција. Но може ли да не залаже фактот што Србите се ослабени? Ги нема Илиќ и Вуин, тимот е подмладен, што не мора да значи дека е послаб...

Ако Франција е ракометен вонземјанин, а Полска фаворит поради домашниот терен, Србија треба да е нашата влезница за вториот круг на Европското ракометно првенство во Полска. Селекторот Периќ се реши да гради нов тим, а можеби утре против Полјаците ќе добие делумен одговор дали го повлекол вистинскиот потег.

Сепак, сигурно е дека Србија е нашата шанса! Во силна група како оваа во Краков, победа во третиот натпревар е најреална опција. Но може ли да не залаже фактот што Србите се ослабени? Ги нема Илиќ и Вуин, тимот е подмладен, што не мора да значи дека е послаб.

„Нашата екипа е млада, но во неа има хемија. Сега сме поборбени и тоа е предност, нашата борба и желбата за докажување“, вели Илија Абутовиќ, бедемот во одбраната на Вардар.

Иако минатата година првпат го облече дресот на Србија, Абутовиќ важи за главен адут на својот национален состав на Европскиот шампионат во Полска. Среброто од пред четири години не може да ја смести Србија во класична аутсајдерска позиција на утрешното отворање против домаќинот Полска. Според реномето, тоа може да биде и натпревар за елиминациски сегмент од некој голем настан. Полјаците на домашен терен ќе ја надградуваат шестата позиција од последниот континентален собир, но „експлозијата“ во „Таурон арена“ ги става во позиција да се надеваат и на повисоко место од ланскиот Мундијал во Катар на којшто заработија бронза. Ако Франција е надвор од конкуренција, барем на хартија, македонските ракометари се фокусираат на Србија, но не ги прескокнуваат првите две европрезентации во Краков.

„Притисок не постои, доволно сме искуснии се надевам дека ќе го искористиме тоа“, верува десниот бек на нашата селекција Влатко Митков.

Македонија не е млада репрезентација како Србија, но Европското првенство ќе биде „крштевање“ за носителите на следната репрезентативна генерација.

„Се е присутно. И трема, но и задоволство што го носиме македонскиот дрес и што ќе имамем можност да се докажеме на ваков голем настан“, пивотот Жарко Пешевски ја препознава шансата.  

„Јас сум најмлад во репрезентацијата. Ова е големо искуство и ќе направам се за да ја оправдам довербата на селекторот“, искрен е Филип Кузмановски, кој ќе игра на позиција лев бек.

Вардаровите ракометари Абутовиќ и Марсениќ сакаат натпреварот Македонија – Србија да не решава за пласман во групите од втората фаза. Во конкуренција на Франција и на Полска тоа се чини делува како петти дел од „Невозможна мисија“. Краков не е Холивуд, но инспирацијата понекогаш прави чуда, зарем не?

 

Тони Стојановски, специјален известувач од Краков, Полска