Ракомет - ЕП Полска

Респект кон секого, но не и преценување

14.01.2016 18:49

Групата е тешка, но противниците мотивираат. Не е сеедно да се игра против апсолутниот шампион Франција, потоа и против Полска и 15-те илјади домашни навивачи како и против незгодната Србија.

Четврто големо натпреварување во последните шест години, значи искуството не недостига. Можеби овојпат еуфоријата не е иста како на пример на Европскиот шампионат во Србија или на мундијалот во Хрватска, но кога игра Македонија, тоа барем за нас, не е обично првенство. Веројатно мислите се уште патуваат кон Рио, но кога нашите ракометари утре ќе излезат на теренот на Таурон Арената, олимписките соништа ќе останат во хотелот.

Групата е тешка, но противниците мотивираат. Не е сеедно да се игра против апсолутниот шампион Франција, потоа и против Полска и 15-те илјади домашни навивачи како и против незгодната Србија.

Респект кон секого, но не и преценување.

„Со Франција и Полска немаме што да загубиме, со Србија ќе биде решавачкиот натпревар. Кога си растоварен може да изненадиш, зошто не и сега“, изјави Наумче Мојсовски ексклузиво за Македонската телевизија.

А, без оглед што првиот натпревар во Катовице ќе го одиграат селекциите на Хрватска и Белорусија,честа да го отвори Еврошампионатот во централната арена во Краков и припадна на македонската репрезентација и тоа во дуел со апсолутниот ракометен владетел на планетата, Франција. На почетокот на 90-тите беа нарекувани „бронзени“, потоа „луди“ во позитивна конотација, станаа „силни“, за од 2008-та да го добијат прекарот „експерти“. Тешко е да се избројат сите одличја на Французите: 2 олимписки злата, 5 светски и 3 европски,  повеќето во последната деценија, 2 пати ги обединија сите титули. Во Полска се без Гребиј,Фернандез, Акамбре, Бараше, Ниока и Н Гесан, но со величенствените Омејер и Карабатиќ. Традицијата вели дека во олимписка година играат тешко, не освојуваат медали. Ете шанса за нас. За изненадување на стартот.

Македонија - Франција, мечот на отворањето, утре од 18 часот како вовед во 34-те преноси на македонската телевизија од 12-от собир на најдобрите европски репрезентации.

„Почувствувај ги емоциите“ е мотото на Европското, се надеваме ќе ги има многу, позитивни, незаборавни, за уште еден успешен настап на македонската репрезентација.

Од Краков, Полска за Македонската телевизија, Горан Стерјов и Зоран Видевски