Ракомет - Европско првенство Полска 2016

Прво разочарување, потонавме против Хрватска

22.01.2016 08:03

Дури и кога Македонија ја намалуваше разликата се гледаше дека нема шанса. Не функционираше ништо, нападот беше бавен, во одбраната немаше ни желба, ни борба.

Македонските ракометари потонаа против Хрватска. Не само што загубија со десет гола разлика, туку го неутрализираа впечатокот од натпреварите со Франција и со Полска. И тогаш загубија, но беа свои. А против Хрватите едноставно речиси и да не играа. Од почеток до крај. Дури и кога Македонија ја намалуваше разликата се гледаше дека нема шанса. Не функционираше ништо, нападот беше бавен, во одбраната немаше ни желба, ни борба. Противникот поведе со 7-1 и многу брзо по интонирањето на химните, се беше готово. Го разбранивме Алиловиќ, ги вклучивме контрите и бековите на противникот, нашите најбрзи бекови правеа пробивања, Кире не даде ниту еден гол што не се случило никогаш, Борко не одбрани ниту една топка. А за да се победи Хрватска треба се да биде над стандардното ниво.

„Имавме три тешки натпревари во групата од првата фаза и тоа се одрази на натпреварот со Хрватска. Лошо влеговме во него, се виде дека не ни одеше, а Хрватска е силна и тоа го искористи“, сумираше селекторот на Македонија Ивица Обрван.

Селекторот објасни. На иста бранова должина беа и ракометарите. Се задоволија ли со пласманот во втората фаза останува отворено прашање? Ќе се обидат ли да соберат сила за да одиграат против Норвешка и Белорусија, исто така е отворено. Засега е јасно дека Македонија и Белорусија немаат бодови во групата во Краков и веројатно меѓусебе ќе  играат за пласман на петтото место.

А во групата во Вроцлав денеска Германија ќе игра со Унгарија, а Шведска со Русија. Во ова друштво, Данска и Шпанија влегоа со по четири бода, Германците и Русите со по два, а Шведска и Унгарија без ниту еден. Македонската телевизија продолжува со истото темпо, по два преноса дневно. Емисијата посветена на Европскиот шампионат почнува во 17 и 40.