Ракомет ЕП – Полска 2016

Македонија одмора, фаворитите на терен

23.01.2016 13:32

Четири дена пауза за македонската репрезентација, добредојдена за анулирање на најголемиот проблем, заморот и за анализа на следниот противник, Норвешка в понеделник...

Невообичаено на големите ракометни натпреварувања, четири дена пауза за македонската репрезентација, добредојдена за анулирање на најголемиот проблем, заморот и за анализа на следниот противник, Норвешка в понеделник.

Дополнителна можност за нашиот стручен штаб за директен детален скаутинг на Норвежаните  е нивниот денешен дуел со Полска со којшто стартува вистинската трка за полуфиналето во групата 1 во главната фаза. Двата меча теоретски никого не можат да однесат во завршницата, напротив можат некого од исфрлат од конкуренција или пак, дополнително да ја закомпликуваат ситуацијата.

Полска и Норвешка пренесоа по четири бода. Домаќинот е фаворит од неколку причини, квалитетниот и искусен тим, 15-те илјади гледачи во Краков и меѓусебната традиција. Шест триумфи на Полјаците, по две нерешени и победи на Норвешка која не славела 24 години. Оттогаш во четирите натпревари, Полска има две победи, два меча завршиле со реми, меѓу нив и единствениот на Европските првенства, 24:24 во 2008-ма во Ставангер.

По убедливиот триумф и игра против Франција, Полјаците делумно се ослободија од притисокот којшто го носи желбата, конечно да освојат медал на континенталните шампионати, по можност златен. За Норвешка ова е само петто учество на Еуро собирите, најголем успех и е шестата позиција, но со триумфот против Франција покажа дека иако е без големи ѕвезди, сепак е тим којшто може да победува и против најдобрите.

Во ракометната класика, пак, Франција и Хрватска немаат право на грешка затоа што во Таурон Арената донесоа по два бода. Некогаш нивните дуели директно решаваа за медалите, овојпат евентуално поразениот ќе се прости од полуфиналето. Откако загубија од домаќинот, триколорите се кренаа против Белорусија и најавија дека нема лесно да се откажат од една од трите круни и од одбрана на трофејот. Добрата игра против Македонија, на хрватските ракометари им дава верба дека можат конечно да го надминат францускиот синдром. Навистина имаат седум победи и едно нерешено во 20-те мечеви, но Французите триумфираа 12- пати и најчесто беа поумешни во клучните натпревари. Славеа во трите меѓусебни финалиња, на мундијалите во 1995-та и 2009-та и тоа во Загреб и година подоцна на Европското првенство. Во двете полуфинални пресметки, обете репрезентации имаат по еден триумф. Франција е подобра и во дуелите на шампионатите на стариот континент, 6:2 со едно реми.

Но, бројките и минатото на ова Европско првенство не важат што е дополнителна привлечност на дуелите Франција - Хрватска во 18.15 и Полска - Норвешка во 20.30 со ексклузивни преноси на МРТ1.

Од Краков за Македонската телевизија, Горан Стерјов