Ракомет – ЕП Полска 2016

Вроцлавски филтер за полуфинале

24.01.2016 12:23

Додека македонските ракометари ги лечат раните од лошото издание против Хрватска и го бараат вистинското лице за утрешната пресметка со Норвешка, во групата 2 од главната фаза на Европското првенство во Полска, ќе играат аспирантите за полуфинале.

Во првиот натпревар Германија ќе се сретне со Русија со надеж дека ќе го искористи директниот дуел на Шпанија и на Данска за пробив на првите две места на табелата. Такви планови има и „зборнаја“ со забелешка дека во трката за пласман во елиминациската фаза многу ќе и недостасува загубениот бод од мечот со Шведска. Тимот на селекторот Торгованов ја имаше победата в раце, но мораше да се задоволи со реми, и поради пропуштеното со Швеѓаните, Русите немаат право на кикс со Германија која има бод повеќе од ривалот. Доколку Германците слават, во последното коло против Данска ќе го решаваат патот до полуфинале. Историјата вели дека шансите се поделени кога се во прашање европските собири. На четири меча секоја репрезентација победила по двапати. Најзначајното од тие соочувања беше пред 18 години кога Германците ја совлада Русија и го освоија бронзениот медал. Тие беа подобри и во олимпиското полуфинале во Атина, како и лани на Мундијалот во Катар, но во групната фаза. Впрочем, Русија нема победа над Германците пет натпревари по ред, или поконкретно од Светскиот шампионат во Франција 2001-ва. Но доколку успее денеска, тогаш ќе има пет бода, ќе го мине конкурентот и потоа во завршната рунда против Шпанија ќе чека шанса за полуфинале. Тоа е тежок пат!

Од сегашна перспектива се чини дека шансите на Шпанија и на Данска се поизгледни. Тие пренесоа максимални четири бода во оваа етапа од првенството, па со победа во меѓусебниот дуел вечерва, можеби нема да обезбедат, но значително ќе се доближат до полуфиналето. Историјата вели дека Данците имаат пет триумфи повеќе во досегашните 20 ракометни војни со Шпанија. Последната во Катар лани, кога во четвртфиналето Шпанија се радуваше за еден гол. На европските шампионати Данците имаат пет победи и два пораза од Шпанија, но се уште ги боли дебаклот во финалето на Мундијалот пред три години кога претрпеа шокантен пораз од 35-19. Тоа, пак, беше реванш на „фуријата“ за загубеното полуфинале на Европскиот собир во Србија кога Данците ја освоија втората европска круна. Убавината во нивните натпревари не доаѓа само од големиот ривалитет, туку и од тоа што можат да го понудат вонсериските можности на нивните ракометари. Затоа не пропуштајте го и денешниот ракометен ден. По Дневник 1, емисија од Европскиот шампионат во Полска и преноси од натпреварите Германија-Русија и Шпанија-Данска.