Ракомет ЕП, Македонија - Белорусија

Победа за навивачите

27.01.2016 10:47

Чекајќи Норвешка да не ја освои титулата, или да не биде во финалето со Франција за Македонија да игра олимписки квалификации, нашите ракометари во најповолна завршница можат да бидат девети на 12-от шампионат.

На претходните три Европски првенства, Македонија само на своето дебитанско пред 19 години не оствари победа, па тоа е императив против Белорусија во последниот дуел на шампионатот во Полска. Чекајќи Норвешка да не ја освои титулата, или да не биде во финалето со Франција за Македонија да игра олимписки квалификации, нашите ракометари во најповолна завршница можат да бидат девети на 12-от шампионат.

Во иста ситуација се и Белорусите кои ќе бидат без најискусниот Сергеј Рутенка, за разлика од Македонија која ќе биде комплетна иако Филип Лазров и Филип Кузмановски се жалеа на повреди, а Мојсовски против Норвешка настапи болен.

Како и во дуелот со Србија, нашата репрезентација ќе биде фаворит, најмногу поради игрите прикажани во поголемиот број мечеви, со исклучок на оној со Хрватска. Она што треба да биде поинакво е континуитетот, Македонија не смее да си дозволи само 50-тина добри минути затоашто Белорусите можат да бидат незгодни. Тоа најдобро во првата фаза го почувствуваа Исланѓаните. Невообичаената одбрана 3:3 им создаваше проблеми и на Полјаците, па фокусот во нападот ќе треба да биде на нејзиното пробивање.

И овој натпревар ќе бара физичко истрошување затоашто противникот игра брзо и во нападот најчесто ги користи бековите Пуховски, Шилович и Кадкевич. Хендикеп на Белорусите е неискуството, не од бројот на настапи на Европските првенства, и за нив ова е четврто, туку поради младоста и брзоплетоста на тинејџерите Кулеш, Каралек и на Јуринок кои беа шести на јуниорскиот мундијал.

Ниту во ваквите мечеви, мотивот не смее да недостига, за тоа се свесни нашите ракометари и најавуваат повторување на некоја од игрите против великаните и победа за навивачите. И Белорусите не се откажуваат од успех, велат да се бориме, тоа е најмногу што можеме да направиме за својата земја.

Историјата е на македонска страна иако двете репрезентации остварија по еден убедлив триумф во 1997-та, но нашиот беше повреден затоашто преку Белорусија, ракометарите на Македонија ги минаа претквалификациите како стартен чекор кон првото големо натпреварување, Европското првенство во Италија.

На ова, пак нашите противници во групата А во Краков, Франција и Полска можат заедно да се пласираат во полуфиналето. На триколорите за чување на титулата им е потребна победа против Норвешка на којашто за историско постигнување и одговара и бод. Истото важи и за домаќинот во дуелот со Хрватска којашто само со неверојатна спортска и математичка комбинација може да влезе во големата четворка.

Тројната програ на МРТ1 ќе почне со натпреварот Македонија - Белорусија во 16 часот, ќе продолжи со Франција - Норвешка во 18.15, а ќе заврши со Полска - Хрватска во 20.30.