Ракомет – Европско првенство Полска 2016

Норвешка за првиот, Германија за четвртиот европски медал

29.01.2016 10:45

Составот предводен од петтиот стрелец на првенството Кристијан Бјорнсен, игра ултра модерен ракомет. Во него одлично се вклопуваат сите поединечни ефекти.

Норвешка и Германија обезбедија меѓусебно полуфинале и им се спротивставија на прогнозите дека Европското првенство во ракомет во Полска ќе биде реприза на претходните пет во коишто наизменично на тронот се менуваа Франција и Данска. Норвежаните направија изнонреден микс на млади и на искусни ракометари и ги елиминираа „триколорите“, а со победата над Полјаците придонесоа во полуфиналето да не игра ни домаќинот на турнирот. Составот предводен од петтиот стрелец на првенството Кристијан Бјорнсен, игра ултра модерен ракомет. Во него одлично се вклопуваат сите поединечни ефекти. Хансен, Тонесен, Јендал, Сагосен и дружината загубија само од Исланд во првиот натпревар, а потоа добија четири од пет. Одиграа нерешено само со Македонија, а потоа ја совладаа моќната Франција во битка за полуфиналето. На тој начин покажаа дека се и ментално цврсти и максимално подготвени да одат по првиот медал на големите собири. Ние се надеваме дека нема да биде златен затоа што во тој случај Македонија нема да игра олимписки квалификации за Рио.

Германците имаат побогата историја. Покрај Русија, тие се единствените коишто освоија злато во историјата на континенталните шампионати, попречувајќи го патот на неприкосновените Шведска со четири, Франција со три и Данска со два пехара. Не успеаја во полуфиналето во 98-ма, но тогаш се вратија со бронза, а 2002-ра се закитија со сребро. Медалот и сега им е блиску, иако на шампионатот во Полска допатуваа со ослабен и исклучително млад тим, во којшто основата ја сочинуваат играчи меѓу 20 и 25 годишна возраст. Сепак, младоста им е предност, а не пречка, па предводени од Исланѓанецот Гудмундсон максимално ги користат силата и брзината. Одбраната им е гранитна, а ја надополнуваат голманите Волф и Лихтлајн. Крилото Рајхман дава сигурност од пеналите и е седми стрелец на првенството, бековите Фет, Вајнхолд, Дисингер, Виде, бомбардираат од надворешните позиции. Затоа Германија може да дојде до четвртиот европски медал, вкупно 17-ти од големите собири. На нив трипати играше со Норвешка во новиот милениум. На Европскиот шампионат во 2000-та беше нерешено, а Норвежаните имаат два мундијалски триумфа во 2009-та и 2011-та. Нивната нова битка е во „Таурон арена“ денеска од 18.30 со пренос на МТВ1.