Ракомет ЕП, полуфинале Шпанија - Хрватска

Кој ќе го продолжи златниот сон?

29.01.2016 10:46

Шпанија - Хрватска полуфинално задоволство за сите сетила. Шпанците не блескаат, но седми пат се во игра за медал.

Ракометните великани се, а никогаш не биле европски шампиони, титулата за некого и натаму ќе остане недофатлива, Шпанија - Хрватска полуфинално задоволство за сите сетила. Шпанците не блескаат, но седми пат се во игра за медал. Селекторот Каденас вели не го интересираат среброто и бронзата, веќе имаат вкупно пет, сака злато. Но за победа ќе им биде потребно повеќе од искуството и од големиот Штербик, за финале црвената фурија ќе треба да одигра најдобро на овој шампионат, на ниво повисоко. Шпанците секогаш знаеле да се постават тактички добро, но овојпат ќе решаваат и други детали.

А, икс факторот во моментов го има Хрватска. Ракометните каубојци го направија невозможното, се спротивставија на се досега напишано во учебниците, го демолираа домаќинот Полска, со победата од повеќе од доволните 14 разлика се сместија во уште еден дел од историјата,  повторно ја кренаа нацијата на нозе. Но, уживањето во големиот триумф во балкански опуштен стил, овојпат не е дозволено затоашто Хрватска веќе има пет полуфинални европски порази.

Традицијата во Таурон Арената можеби нема да важи, но стои запишано дека Хрватска  им подобар вкупен ефект, 14 победи, 7 порази и едено нерешено, но Шпанија била подобра на Европските шампионати со три триумфи, едно реми и два загубени меча. Во двете континентални бронзени пресметки е 1:1. Кога решаваа за медали, Шпанија славеше во дуелот за третото олимписко место во Пекинг, како и во најважниот меѓусебен натпревар за мундијалската круна во 2005-та. Две години претходно, Хрватите беа поуспешни во единственото полуфинале, преживеаја две продолженија и потоа станаа светски шампиони.

Возбудувањата во Краков и овојпат се загарантирани, Шпанија - Хрватска ексклузивно на МРТ1 во 20.30.

Од Краков за Македонската телевизија, Горан Стерјов