Ракомет – ЕП Полска 2016

Континентот и се „покори“ на Германија

01.02.2016 10:19

Беа трпеливи, борбени, стратегијата ја создаваа според сопствените компаративни предности. Самодовербата им растеше постојано. Не загубија глава по почетниот пораз од Шпанија. Ја задржаа смиреноста и кога останаа без Вајнолд и Дисингер во пресрет на борбата на медали. Беа тим од којшто треба да се учи, а имаа само петмина повозрасни од 25 години. А немаа петмина од Мундијалот во Катар. Сепак, успеаја!

Не е веќе Франција! Не е ни Данска! Занеме и Полска! Шансата не ја искористи Шпанија! На тронот е Германија. Неочекувано, но заслужено! И покрај силното реноме, ретко кој прогнозираше дека можат да одат толку далеку. А стигнаа најдалеку. Со гранитна одбрана ги градеа успесите. Беа трпеливи, борбени, стратегијата ја создаваа според сопствените компаративни предности. Самодовербата им растеше постојано. Не загубија глава по почетниот пораз од Шпанија. Ја задржаа смиреноста и кога останаа без Вајнолд и Дисингер во пресрет на борбата на медали. Беа тим од којшто треба да се учи, а имаа само петмина повозрасни од 25 години. А немаа петмина од Мундијалот во Катар. Сепак, успеаја!

Не беа најдобри во сите елементи, но знаеја кога и што да направат. Тоа е рецепт за успех. Во финалето на моќната Шпанија и дозволија само шест гола во првото полувреме, вкупно 17. „Армадата“ не пловеше добро и остана без злато од европските првенства, без оглед што првпат во континентално финале ја имаше фаворитската улога. Шпанците дозираа, но заглавија на последната пречка. Затоа и натаму се без европско злато. Немаа енергија да ја запрат германската машина. Не помогнаа интервенциите на Штербик, ниту головите на најкорисниот играч на првенството Ентрериос, ниту Агинагалде, Томас, Македа... А на другата, златна страна, голманот Волф ги разнебити противничките мотиви, Лемке ја командуваше непробојната одбрана, Хефнер торпедираше, Кун, Виде, Фет комбинираа. Младите го победија искуството. Сосема заслужено, вторпат во историјата Германците ја освоија Европа. Пред нив пет првенства на тронот се менуваа Франција и Данска. А сега не стигнаа ниту до полуфиналето. „Триколорите“ веќе немаат „трилинг“. Ја испуштија континенталната круна со пораз од Норвешка која ги освои срцата играјќи го ракометот на 21-от век. Не стигнаа до првиот медал од големите собири, но оставија силен печат. Хрватска направи безболно освежување на селекцијата, па и се радува на бронзата. Данците калкулираа со бодовите и тоа им се врати со елиминација во групата од главната фаза. Едноставно, не видоа од каде доаѓа опасноста.

Европско во фудбал, па светско во одбојка. Престижните спортски настани станаа секојдневие за Полска. Во 17-те дена за ракомет се виде нивната рутина во организација на континенталниот ракометен собир којшто беше најгледаниот досега.

А каде бевме ние? Дојдовме за втор круг и го остваривме. Гледано така, 11-тото место на Македонија е успех. Но дали е, ако се знае дека повторно покажавме слабости. Тешко играме на турнири кога темпото е силно. Паѓаме по само два или три натпревари, не наоѓаме мотиви кога очигледно е дека сме подобри и кога очигледно можеме да победиме. На вакви настани сфаќаме дека не грешиме само на теренот. Бевме неподготвени за ваков настан. Можеби не мислевме на него. Но имавме среќа во ждрепката за мундијалскиот бараж. Чешка не е лесен противник, ама сме ја победувале и можеме да ја минеме. Ако се случи тоа, нашиот национален состав ќе го задржи континуитетот настапи на големите собири. А Македонската телевизија ќе има нов предизвик, од Светскиот шампионат во Франција да Ви понуди повеќе од 31 пренос колку што емитувавме од Полска. Тоа беше телевизиски рекорд за наше скромно задоволство за сработеното во месецот на ракометот.

Тони Стојановски