Кошарка – 23.коло, Јадранска лига

08.02.2016 18:00

Можеби е време да падне Будуќност, а со тоа МЗТ да се пробие на делба на петтото место со десет победи и 13 порази. Идентично остварување имаат Цибона, Партизан и Задар.

Традицијата е на страна на Будуќност, но МЗТ Скопје може да одигра растоварено против водечкиот тим во АБА лигата и да се надева на победа со којшто и теоретски ќе обезбеди опстанок во јадранското друштво. Црногорскиот тим сезонава има само два пораза, двата на домашен терен против белградските ривали Партизан и Црвена Звезда, а тоа значи дека влегуваше во долги победнички серии. Тековната е 13 натпревари, а почна токму во првиот меѓусебен дуел со македонската екипа. Во „Морача“ Будуќност се радуваше со 65-55 и ја продолжи доминацијата против МЗТ кој на седум досегешни средби триумфираше само еднаш. На 12 октомври 2013-та, нашиот првак славеше со 78-71.

За таков успех денеска потребна е добра одбрана против Тадија Драгичевиќ кој игра сезона во извонреден ритам, но и ограничување на организаторските квалитети на Омар Кук. Максималниот биланс на противникот на гостински терен е доволна потврда дека кај Будуќност немаше никакви проблеми и по тренерската смена на Игор Јововиќ со Лука Павиќевиќ. Во Скопје сезонава победија сите екипи од големата четврока во АБА, но тесно. Црвена Звезда и Цедевита со пет, Мега Лекс со еден кош. Можеби е време да падне Будуќност, а со тоа МЗТ да се пробие на делба на петтото место со десет победи и 13 порази. Идентично остварување имаат Цибона, Партизан и Задар.

Ако евентуално загуби, МЗТ ќе има уште три шанси да ја забележи потребната победа за избегнување на последните две позиции на табелата. Со Задар и Цедевита на гости и со Тајфун дома. Ако замине со триумфална насмевка од Скопје, Будуќност ќе го обезбеди првото место пред разигрувањето затоа што до 21 победа не можат да стигнат евролигашите Звезда и Цедевита. Оттука, во „Јане Сандански“ би требало да биде интересно. Преносот на МТВ 1 е од 21 часот.