Семинар за едукација на македонските одбојкарски тренери

Владимир Грбиќ: „Да создадеме одбојкари со цврста волја“

14.02.2016 15:23

Поранешниот српски одбојкар го пренесе сопственото искуство од почетоците на теренот до миговите на слава на пиедесталот, кога носејќи го репрезентативниот дрес освои олимписко и европско злато, а на светските првенства се закити со сребро. Трендовите се менуваат, се менува и светската одбојка, а Грбиќ беше отворен за сите прашања...

Како до повисоко ниво во тренажниот процес? На кој начин да бидат препознаени и третирани вистинските одбојкарски таленти? Кога и како правилно да се насочуваат во совладувањето на одбојкарските вештини? На многуте прашањња за коишто секој има различен одговор, македонските одбојкарски тренери денеска разговараа со Владимир Грбиќ. Поранешниот српски одбојкар го пренесе сопственото искуство од почетоците на теренот до миговите на слава на пиедесталот, кога носејќи го репрезентативниот дрес освои олимписко и европско злато, а на светските првенства се закити со сребро. Трендовите се менуваат, се менува и светската одбојка, а Грбиќ беше отворен за сите прашања.

Преку неговите согледувања, македонската тренерска фела слушна дека одбојката на песок не и пречи на одбојката во сала, напротив! Давајќи примери од научната сфера, Грбиќ им препорача на тренерите различни пристапи во тренажниот процес со различни возрасни категории. Препорача рационализација на тренингот, без непотребно предозирање на вежбите. На тренерите им советуваше да бидат авторитативни, но и принципиелни во односот со играчите и од нив побара да создаваат интелигентни одбојкари кои ќе ги решаваат проблемите на теренот врз база на рефлексните реакции научени од тренинзите.

Во врска со постоењето одбојкарски школи коишто во поново време го диктираат тренажниот процес наспроти клубовите, Грбиќ објасни дека е против сопствено финансирање на тренинзите. Од деца со црвста волја за докажување во врвниот спорт, почнавме да создаваме спорт со лоша селекција во којашто влегуваат оние што можат да платат, а не оние што се вистински витези и самураи, предупреди Грбиќ.

Демонстрирајќи го кажаното и практично на терен, македонските тренери можеа најдиректно да ги запознаат да ги ставовите за одбојката во поширок општествен контекст на еден од најпознатите светски одбојкари на крајот на минатиот и на почетокот на новиот милениум. Семинарот го организираше Одбојкарската федерација на Македонија со помош на Македонскиот Олимписки Комитет, а треба да биде само прв чекор во едукацијата на македонските тренери.