Дербито Работнички – МЗТ Скопје по 4 пат сезонава

16.02.2016 13:53

Од натпреварувачки аспект, меч кој ништо битно не решава затоа што металците се убедливо први на табелата со 15 победи и само еден пораз а Работнички е на 6 позиција со само 6 победи и 10 загубени натпревари. Двата тима ќе останат на сегашните позиции по ова коло а најверојатно таму ќе бидат и во пресрет на втората првенствена етапа...

Старите ривали во нова пресметка, Работнички го пречекува МЗТ Скопје во последниот дуел од 17 коло во кошаркарското првенство. Од натпреварувачки аспект, меч кој ништо битно не решава затоа што металците се убедливо први на табелата со 15 победи и само еден пораз а Работнички е на 6 позиција со само 6 победи и 10 загубени натпревари. Двата тима ќе останат на сегашните позиции по ова коло а најверојатно таму ќе бидат и во пресрет на втората првенствена етапа. Актуелниот шампион е без пораз во последните 10 натпревари, а во тој период 14 -кратниот шампион редовно губеше од екипите кои се над нив на табелата а само трипати се радуваше и тоа против екипите кои се зад нив на табелата. Згора на тоа аеродромци ги добија убедливо сите три соочувања сезонава, еден во суперкупот и двата првенствени.

Сепак, ваквите дуели отсекогаш биле испирација плус за актерите, без оглед на моменталната форма и евидентната разлика во квалитет. МЗТ Скопје базиран на легијата “странци“ во тимот е фаворит, но сигурно ќе треба да се потруди за да дојде до нова победа. Ако ништо друго, и за лошите изданија во АБА лигата. Од друга страна, Работнички со спој на искусни и млади кадри ќе се обиде да ја провери формата во пресрет на завршниот турнир во купот на Македонија, што се игра во Гевгелија наредниот викенд. Иако кошаркарите на Работнички се сеуште во голема предност во меѓусебните натпревари, традицијата последниве неколку сезони е на страната на штрковите кои во 12 натпревари имаат 10 победи. Вечерашната пресметка на вечните ривали е во Градскиот парк во Скопје со почеток од 19ч и пренос на МТВ1.