Фудбал - Лига на шампиони

Реал и Волфсбург пред четврфинале

18.02.2016 13:31

Зидан е пресреќен, не само поради победата на тренерското деби во Лигата на шампионите, туку пред се поради тактички добрата игра на Реал и фактот дека неговата екипа не прими гол...

„Со храбрата игра го преплашивме, но Реал е голема екипа затошто постигнува голови и од полушанси“, фудбалерот на Рома, Пјаниќ најдобро го опиша триумфот на кралскиот клуб на Олимпико од 2:0, прв на последните девет гостувања во Италија. „Заслуживме барем погодок, дадовме се од себе, но гостите беа поконцентрирани“, реален е тренерот на Рома, Спалети кој е задоволен од тоа што домашните навивачи ги испратија со аплауз.

Затоа, пак, Зидан е пресреќен, не само поради победата на тренерското деби во Лигата на шампионите, туку пред се поради тактички добрата игра на Реал и фактот дека неговата екипа не прими гол. „За разлика од други дуели на гости овојпат одигравме одлично“, изјави Зидан пофалувајќи го Кристијано Роналдо. Португалецот, пак, праша, „нели не постигнувам голови на туѓ терен“!? Со неговиот 12-ти сезонава и со првиот на Хесе, мадриѓани се речиси во седмото елитно четвртфинале по ред.

Пред почетокот на сезоната Волфсбург за Дракслер му плати на Шалке 35 милиони евра, а во јануарскиот преоден рок за Крусе на  Борусија Менхенгладбах 12 милиони евра, но големите инвестиции за германски фудбалски услови можат да се вратат само со еден натпревар. Тандемот Дракслер - Крусе ги постигна трите гола со коишто бундеслигашот славеше кај Гент со 3:2. „Кога ќе се триумфира вака на гости, тоа е одличен резултат, но за да ја искористиме оваа извонредна ситуација, во вториот меч ќе мора да одиграме без грешка 90 минути, а не како во Белгија осумдесет“, веќе размислува за реваншот тренерот на Волфсбург, Хекинг кој додаде дека двата погодока на Дракслер биле класа. 

Стратегот на Гент, Ванхазебрук пронајде причина за задоволство во головите на Кумс и на Кулибали во финишот на натпреварот, но смета дека ако дебитантот во Лигата на шампионите одигра  на ист начин на Фолксваген Арена, тогаш нема никакви шанси за изненадување.  Неговата проценка е дека ако белгискиот првак прв постигне гол, тогаш Германците ќе почнат да се сомневаат во историскиот плалсман меѓу најдобрите осум екипи.

Возвратните дуели Реал - Рома и Волфсбург - Гент ќе се одиграат на 8-ми март.