Кошарка – Јадранска лига, 25.коло

Тајфун е клуч за опстанокот на МЗТ Скопје во АБА

26.02.2016 14:34

Македонскиот првак е во поволна ситуација затоа што сам решава. Со триумф против Тајфун ќе дојде до недостижен ефект за конкурентите од дното на табелата во АБА друштвото.

Ако опстанокот во АБА, а со тоа и сезоната се решава во еден натпревар, за МЗТ Скопје нема полесен противник од Тајфун. Не затоа што дебитантот во Јадранската лига е неквалитетен или затоа што се наоѓа на дното на табелата, туку поради лошата низа со којашто ќе истрча во „Јане Сандански“. Словенечкиот тим има девет порази едноподруго, за победа не знае од 11-ти декември кога славеше на гостувањето кај Сутјеска, уште една екипа којашто е во неизвесност за опстанокот.

Македонскиот првак е во поволна ситуација затоа што сам решава. Со триумф против Тајфун ќе дојде до недостижен ефект за конкурентите од дното на табелата во АБА друштвото. Притисок постои со оглед на фактот дека кошаркарите на МЗТ Скопје го најавуваат натпреварот како најважен во сезоната, но домашниот паркет и подбрата форма се адути на македонскиот првак. И самодовербата треба да е на повисоко ниво затоа што сино-белите тргнаа еден тежок товар од плеќите со триумфот во нашиот кошарткарски куп. Во регионалната конкуренција, пак, имаат пет победи и пет порази откако кормилото  го презеде Александар Јончевски.

Во последниот дуел на свој терен против водечкиот Будуќност, МЗТ пропушти шанса да ја заврши работата околку опстанокот, потоа загуби и на гости кај Задар, но само еднаш на претходните десет средби дозволи противникот да оствари двоцифрена разлика. Од друга страна, пак, не само што губеше, туку Тајфин воопшто и не беше конкурентен на последните девет меча. Само на два од нив беше поразен со помала разлика од десет коша. Затоа МЗТ Скопје ја планија десеттата победа сезонава во 25-тото коло од Јадранската лига, иако дури и со пораз денеска, па и во завршното коло против Цедевита во Загреб, може да ги избегне последните две места на табелата, а со тоа и елиминацијата од лигата. Чебулар, Поњавиќ, Болчина, Братож и Американците паркер и Кларк не се за потценување, но аеродромци се свесни за својата фаворитска улога, и покрај поразот во првиот меѓусебен натпревар.

Преносот од денешниот е на Првиот канал на Макеоднската телевизија, веднаш по ракометниот натпревар Савехоф – Вардар.