Кошарка - НБА

По Голден Стејт и Сан Антонио обезбеди плеј - оф

03.03.2016 14:54

Деветнаесетото доигрување по ред, кошаркарите на Грег Попович го обезбедија благодарение на стопроцентниот успех на домашен паркет. За 29-от триумф сезонава најзаслужен беше Леонард кој постигна 27 поени.

Во 11-те ноќешни НБА натпревари највредна е победата на Сан Антонио против Детроит од 97:81. Со ефект 51:9 Спарс се втората екипа по Голден Стејт којашто и теоретски обезбеди пласман во плеј - офот. Деветнаесетото доигрување по ред, кошаркарите на Грег Попович го обезбедија благодарение на стопроцентниот успех на домашен паркет. За 29-от триумф сезонава најзаслужен беше Леонард кој постигна 27 поени.

Трката за третото место во западната конференција или вкупно четвртото, го направи дуелот Клиперс - Оклахома исклучително важен. Славеше екипата од Лос Анџелес со 103:98 и сега има две победи помалку и пораз повеќе од Тандерс.  Предводени од Дурент со 32 поена, 11 скока и од Вестбрук со 26 коша и 12 асистенции, гостите на полувреме имаа 22, а на шест минути пред крајот и 16 поени предност. Залудно, затоашто Клиперс до крајот со серија од 24:3 стигнаа до 40-от триумф сезонава. Најрасположени кај домаќините беа Пол со 21 поен и 13 асистенции и Џордан со 20 коша и 18 скока.

Во конкуренција за четвртата лигашка позиција е и Торонто којшто е во серија од 11 триумфи по ред на свој паркет откако беше подобар од Јута со 104:94. Лоури реализираше 32, ДеРозан 31 поен.

И Бостон е во победничка низа од 12 дуели на домашен терен. 116:93 за прв пораз на Портланд по шест триумфи. Клучни беа вториот и третиот период коишто Селтикс ги добија со 61:34. Прв стрелец беше Томас со 30 поени.

Во другите натпревари: Орландо - Чикаго 102:89, Филаделфија - Шарлот 99:119, Хјустон - Њу Орлеанс 100:95, Мемфис - Сакраменто 104:98, Милвоки - Индијана 99:104, Минесота - Вашингтон 98:104 и Денвер - Лејкерс 117:107.