Јадранска лига – МЗТ гостува во Загреб

За крај против евролигашот Цедевита

06.03.2016 16:36

Кошаркарите на МЗТ Скопје можат да одиграат растоварено против фаворитот Цедевита и да се обидат да се пробијат во првата половина од табелата во регионалното друштво, во коешто досега остварија десет победи на 25 натпревари.

Последното гостување на македонскиот шампион во Јадрнаската лига е без посебен резултатски императив. Тоа значи дека кошаркарите на МЗТ Скопје можат да одиграат растоварено против фаворитот Цедевита и да се обидат да се пробијат во првата половина од табелата во регионалното друштво, во коешто досега остварија десет победи на 25 натпревари. Главната цел беше остварена со триумфот над Тајфун минатото коло, кога сино-белите од Аеродром обезбедија опстанок во лигата.

Хрватскиот состав, пак, е одамна во разигрувањето за титулата, но поразот во Белград од Партизан го оддалечи од можноста да има предност на домашен паркет во полуфиналната серија против Црвена Звезда. Составот на Вељко Мршиќ се уште има шанси да заврши на втората позиција, но за да се случи тоа треба да го совлада МЗТ и да се надева дека утре Крка ќе ја победи Црвена Звезда на гостински терен, што е малку веројатно.

Но, и покрај малата теоретска можност да ја оствари целта, Цедевита најавува игра на успех против МЗТ. Не само за навивачите во „домот на спортовите“ во Загреб, туку и за да ја надмине резултатската криза во којашто западна токму во фазата од сезоната кога формата треба да оди во нагорна линија. Цедевита има четири порази на претходните седум средби на Јадранот, а ги загуби последните три меча во сите конкуренции.

Од друга страна, МЗТ се радуваше само еднаш на минатите четири натпревари во АБА лигата, но тоа го стори во „мечот на сезоната“ против Тајфун, а пред тоа го крена пехарот и во домашниот куп.

Затоа МЗТ може да ужива во дуелот со учесникот во ТОП 16 фазата од Евролигата, надевајќи се дека ќе ја прекине серијата од пет порази во меѓусебните пресметки. Денешната почнува во 19 часот, со пренос на Собранискиот сервис на МРТ.