Кошарка – јадранска лига, 26.коло

Цедевита – МЗТ Скопје 89:64

06.03.2016 21:29

Евролигашот шутираше со над 80 проценти за два поена како резултат на лесните контри по загубените топки на сино-белите во нападот. МЗТ ја загуби битката под обрачите...

МЗТ го обезбеди опстанокот во Јадранската лига со победата над Тајфун минатото коло, па гостувањето кај Цедевита на крајот на сезоната имаше ревијален карактер. Резултатот е последица на пристапот и отсликува како се одвиваше натпреварот. Убедливи 89-64 за хрватскиот состав којшто ја продолжи успешната серија во меѓусебните дуели со македонскиот првак. Шестата победа по ред, Цедевита ја најави со извонредна серија од 21-5 уште во првата четвртина, иако МЗТ поведе со 5-1. Само во тој период имаше рамноправна игра. Потоа сите показатели беа на страна на составот на Мршиќ.

Евролигашот шутираше со над 80 проценти за два поена како резултат на лесните контри по загубените топки на сино-белите во нападот. МЗТ ја загуби битката под обрачите, па на полувремето беше 47-27. Тренерот Јончевски имаше ограничена можност за корекција затоа што во екипата не беа Марко Луковиќ и Горјан Марковски.

Дамјан Стојановски даде само четири поени, Урош Луковиќ брзо влезе во проблеми со личните грешки, па немаше минутажа кога противникот ја правеше предноста, којашто најмногу изнесуваше 31 поен. Дреновац со 21 кош беше најефикаен кај МЗТ и на мечот, а Љубичиќ заврши со 15 коша.

Билан и Вокер дадоа по 16 коша кај Цедевита којашто теоретски може да биде втора доколку Црвена Звезда загуби од Крка на домашен паркет што е тешко веројатна опција. Доколку се биде според очекувањата, во полуфиналето Цедевита нема да ја има предноста на домашниот паркет против црвено-белите од Белград.

МЗТ, пак, ја заврши сезоната со десет победи и 16 порази, а за конечниот пласман треба да го почека епилогот од другите прсметки од 26-тото коло во АБА лигата.