Ракомет (ж) квалификации за ЕП

Македонија мора похрабро против Словенија

12.03.2016 10:58

Без разлика што резултатите треба да дојдат во иднина, сепак и во овој циклус, македонските ракометарки имаат обврска да одиграат храбро и поквалитетно во однос на пример на дуелот во Марибор.

И кога почнуваа квалификациите беше јасно дека женската ракометна репрезентација не може да биде конкурентна за пласман на Европското првенство годинава во Шведска. Неможноста да се освои некое од двете места во конкуренција на силните Црна Гора, Хрватска и на Словенија, веројатно само ја забрза одлуката за комплетно подмладување на нашата селекција. Без разлика што резултатите треба да дојдат во иднина,  сепак и во овој циклус, македонските ракометарки имаат обврска да одиграат храбро и поквалитетно во однос на пример на дуелот во Марибор.

Поразот од 18 разлика е непријатен, но би требало да биде мотив за нашите ракометарки, вечер во Кале посериозно да и се спротивстават на Словенија којашто и овојпат ќе биде изразит фаворит. Се е на страната на Словенките, особено искуство, но од нашите ракометарки никој не бара сензација што значи дека ќе можат да одиграат слободно, агресивно, брзо, покреативно. Македонија и на овој дуел ќе биде без Саздовска и Десподовска, но за разлика од првиот натпревар очекувањата се Ѓорѓиевска и Ристовска, да одиграат според своите можности.  Во Марибор, Елена не постигна гол, Сара само еден.

Нашата репрезентација е во серија од 16 порази или од јуни 2012-та кога со домашната победа против Турција обезбеди пласман на последното од петте учества на Европските првенства. Словенија, пак, чека уште подолго, шест години за настап на својот петти континентален шампионат.

Македонија има негативна традиција во седумте меѓусебни дуели од четири порази, едно нерешено и две победи, но претходните наши генерации не им дозволија на словенечките ракометарки ниту еднаш да се радуваат во трите дуели во Скопје.

Досега во четвртата квалификациска група, Македонија ги загуби трите меча, Словенија против нас ја оствари првата победа откако беше поразена од Црна Гора и од лидерот, Хрватска.

Преносот од дуелот Македонија - Словенија ќе биде на МРТ1 во 20 часот.