Македонија со две златни и еден сребрен медал меѓу трите најуспешни на светскиот куп

14.03.2016 15:40

Во категорија до 75 килограми Иво Цветковски ја покори конкуренцијата со 4 убедливи победи, а за неговата домнација најдобра потврда е победата во финалето во кое го совлада Маџед Алкалифа од Саудиска Арабија со 3:0. Второто злато го освои Сара Радичевска во категорија до 50 килограми...

Македонските каратисти одново имаа бериќетен настап на меѓународна сцена, со што само го потврдија високото реноме. На натпреварот во Лашко, Словенија, во рамките на Светскиот куп нашите каратисти освоија две златни и еден сребрен медал. Во категорија до 75 килограми Иво Цветковски ја покори конкуренцијата со 4 убедливи победи, а за неговата домнација најдобра потврда е победата во финалето во кое го совлада Маџед Алкалифа од Саудиска Арабија со 3:0. Второто злато го освои Сара Радичевска во категорија до 50 килограми, која исто така извојува победи во сите 4 борби и заслужено се искачи на највисокото место на подиумот, откако во меч за првото место ја победи Јелена Миливојевиќ од Србија со 2:0. Третиот медал беше сребрен, а го заслужи Ненад Келебиќ, кој во категорија до 67 килограми постигна 4 сигурни победи, а беше поразен единствено во финалната борба од австриецот Стефан Покорни. Благодарение на овие резултати, Македонија беше трета најуспешна нација на ова натпреварување зад Хрватска и Австрија, во конкуренција на 470 натпреварувачи од 40 земји, меѓу кои беа и неколкумина од светската елита.

Со тоа нашите каратисти заокружија уште еден значаен настап на меѓународна сцена и потврдија дека секогаш се подготвени за големи дела, на еден од критериумските натпревари за одредување на составот на репрезентацијата на Македонија. Во годината кога се очекува промоција на каратето за Олимписки спорт во Токио 2020 година, следен голем настан е Премиер лигата во Салцбург во периодот од 15-17 април, како последна проверка пред Европското првенство во Монпелје, Франција.