Кошарка – Прва лига, 20.коло

Куманово нема центар, МЗТ е фаворит

15.03.2016 14:29

Во реприза на ланското финале од првенството, актуелниот првак ќе го пречека кумановскиот состав со надеж дека ќе ја оствари втората победа во третиот меѓусебен дуел сезонава. На претходните секој ја користеше предноста на својот паркет.

Откако ги завршија обврските во меѓународните конкуренции, МЗТ Скопје и Куманово се насочуваат кон крајот во домашната кошаркарска сезона. Во реприза на ланското финале од првенството, актуелниот првак ќе го пречека кумановскиот состав со надеж дека ќе ја оствари втората победа во третиот меѓусебен дуел сезонава. На претходните секој ја користеше предноста на својот паркет.

Во второто коло Куманово се радуваше со 74-72, но во поинакви услови, предводен од Урош Луковиќ кој сега го носи сино-белиот скопски дрес. Во деветтото коло, МЗТ триумфираше убедливо во „Јане Сандански“, но и тогаш, а и сега, Куманово е со поинаков играчки кадар.

Урош Луковиќ е на центарската позиицја во Аеродром, а рекетот стана проблем за кумановци. Жарко Ракочевиќ  ја напушти екипата, а Александар Андријевиќ е повреден така што тренерот Марјан Србиновски ќе има тешка задача да пронајде тактика со којшто ќе му парира на ривалот.

Куманово загуби од Кожув на последното гостување и ја прекина низата од четири победи во вториот дел од сезоната, а вкупно девет сметајќи од поразот од МЗТ во 9-тото коло, па и од тој аспект овој натпревар е во вистинско време за нашиот освојувач на купот. Марко Луковиќ ќе биде во составот на тренерот Александар Јончевски кој го доведе тимот до безбеден пласман во АБА лигата, а на домашната сцена дојде до првиот од двата планирани трофеја.

Затоа МЗТ е фаворит и доколку ја опрадва улогата, во тој случај ќе остави предност од три победи во однос на Карпош Соколи во трката за првото место на табелата. Без оглед на резултатот од денешната пресметка, Куманово  ќе се врати на третата позиција, но во случај на пораз ќе остане со два триумфа помалку од второпласираните Соколи.

Која претпоставка ќе се оствари ќе видиме во преносот на Првиот канал на Македонската телевизија, од 20 часот.