Атлетико и Манчестер Сити во четвртфиналето

16.03.2016 17:15

Во четвртфиналното друштво од фудбалската Лига на шампионите има место за уште две екипи. Каков и да е расплетот на последните два дуела од осминафиналето, јасно е дека тоа ќе бидат гиганти на светскиот спорт.

Реал Мадрид, Пари Сен Жермен, Манчестер Сити, Атлетико Мадрид, Бенфика, Волфсбург. Во четвртфиналното друштво од фудбалската Лига на шампионите има место за уште две екипи. Каков и да е расплетот на последните два дуела од осминафиналето, јасно е дека тоа ќе бидат гиганти на светскиот спорт. Баерн и Јувентус ќе истрчаат во Минхен со 2-2 од првата меѓусебна пресметка, а Барселона има предност од 2-0 против Арсенал во пресрет на средбата на „Ноу Камп“.

А Манчестер сити го продоли сонот за голем интернационален успех. Поради победата со 3-1 во Киев, вчерашното реми без голови против Динамо беше доволно за прв пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите во клупската историја. „Тоа беше тактички натпревар, но ние така сакавме да играме. Тие преземаа повеќе ризик, а ние ја држевме топката и се обидовме да погодиме“, рече тренерот Мануел Пелегрини. „Ова е голем резултат за клубот којшто не можевме да го оствариме претходно затоа што немавме среќа. Не е нормално двапати по ред да играте со Барселона во осминафинето“, Пелегрини не пропушти да потсети на лошата ждрепка за Сити во нокаут сегментот од елитната лига.

0-0 пред своја публика во реваншот одигра и Атлетико Мадрид, но за разлика од Манчестер сити, тоа не беше доволно за пласман по 180 минути фудбал во двомечот со ПСВ Ајндховен. Откако екипите ги преспаа и продолжувањата на „Висенте Калдерон“, решаваа осум серии пенали, а вторпат едноподруго, Атлетико Мадрид ја мина осминафиналната фаза. Лани против Баер Леверкузен, а сезонава и против ПСВ кој до европскиот трон во 1988-ма стигна токму со удари од белата топчка во финалето против Бенфика. „Знаевме дека екипата што ќе згреши, ќе загуби. Никој не згреши и решаваа пеналите“, заклучи тренерот на Атлетико Диего Симеоне кој со „душекчиите“ пред две сезони загуби во финалето од Реал, а лани претрпе елиминација во четвртфиналето исто така од градскиот ривал. Промашениот пенал на Нарсинг значеше дека продолжува деветгодишното чекање на ПСВ повторно да биде меѓу осумте најдобри.