Ракомет - СЕХА лига

Тројцата шампиони на завршниот турнир

31.03.2016 19:30

Црвено - црните се најуспешни со два трофеја и едно финале, Загреб и Веспрем имаат по една титула, Мешков, пак, двапати играше во финалето...

Во конкуренција на Вардар, Загреб и Веспрем, екипата на Мешков Брест е единствената којашто на завршниот турнир во хрватски Вараждин ќе влезе без епитет шампион на СЕХА лигата. Црвено - црните се најуспешни со два трофеја и едно финале, Загреб и Веспрем имаат по една титула, Мешков, пак, двапати играше во финалето.

Поради второто место во лигашкиот дел остварено со 14 победи и по два пораза и нерешени, вардарци во полуфиналето ќе играат со третопласираниот Загреб. Носени од осминафиналните успеси во Лигата на шампионите, ракометарите и на двете екипи ветуваат добар ракомет. И традицијата најавува неизвесност во 14-от меѓусебен регионален дуел затоашто обата тима имаат по шест триумфи, додека само еден меч завршил без победник. Сезонава, Вардар дома славеше со девет, а на гости загуби со пет разлика. Ниту еден од претходните фајн - фор турнири не мина без пресметка меѓу Вардар и Загреб, но и тука е израмнето, 2:2.

Актуелниот СЕХА првак, Веспрем поради многуте мечеви во сезоната, следната нема да игра во регионалната конкуренција, но е прв фаворит за одбрана на титулата. Унгарците во лигата немаа пораз, собраа 16 победи и двапати ремизираа и тоа со Вардар. Во дуелите со Мешков Брест се неприкосновени и славеа на сите пет. Ако имаат шанса, Белорусите кои минатите две сезони играа во финалето, треба да ја бараат во евентуалното опуштање на противниците затоа што од Мешков Брест сепак никој не очекува сензација.

Македонската телевизија на „Прва“ ќе ги пренесува сите четири натпревари од Вараждин којшто теоретски ќе биде првиот град - организатор на завршниот турнир којшто нема своја екипа, но практично, Загреб ќе биде како домаќин во Арената којашто собира пет илјади гледачи. Полуфиналните мечеви се в петок, Веспрем - Мешков Брест во 18 часот и Вардар -  Загреб во 20.30. Разврската ќе биде в недела, мечот за третото место во 16.30, финалето во 19 часот.