Завршен турнир во СЕХА лигата

Вардарова историја - Загреб па титула!

01.04.2016 10:38

„Наша цел е да се пласираме во финалето в недела. Сакаме да одиме до крај“, јасен е тренерот на Вардар Раул Гонзалес.

Вараждин е предвесник на Келн! СЕХА не е Е-Ха-Еф, но на јарболите на „Арена“ се знамињата на Вардар, Загреб, Веспрем и на Мешков Брест. Звучи познато нели? Регионалното натпреварување не е Лига на шампионите, но на завршниот турнир ќе учествуваат тројца четвртфиналисти од елитната европска конкуренција. Значи и вараждинското друштво е елита, не само на регионот на СЕХА, туку и на поширок простор на којшто Вардар досега двапати владееше. За да си овозможи нова радост, најпрво треба да го совлада Загреб во полуфиналето.

„Наша цел е да се пласираме во финалето в недела. Сакаме да одиме до крај“, јасен е тренерот на Вардар Раул Гонзалес.

Пртив Загреб не може и никој не очекува дека ќе биде лесно. Затоа овој дуел е балканска, со тенценција да стане европска класика. Вардар двапати го победи Загреб во претходните полуфинални пресметки во СЕХА. Потоа двапати го креваше пехарот. Во премиерната сезона на теренот на хрватскиот тим, а пред две години на турнирот во Нови Сад. Но Загреб врати со победа во финалето во Скопје во 2013-та и лани со триумф во соочувањето за третото место. Бројките од вкупниот биланс ги потврдуваат предвидувањата дека и денешниот меч треба да биде тесен, дури и со можност да решава една топка или една одбрана. На 14 натпревари, Вардар има седум триумфи, еден повеќе од Загреб.

„Лани во Веспрем не игравме добро. Затоа се надевам дека сезонава ќе го надополниме тоа со добрар настап во Вараждин“, вели вадаровиот пикер Стојанче Стоилов.

Иако квалитетот постојано е и во пораст, се шири географски и привлекува се поголем интерес, во текот на лигашкиот дел од СЕХА сезоната клубовите понекогаш ја ставаат во втор план поради настапите во Лигата на шампионите. Но завршниот турнир е нешто посебно. Кога трофејот е на само два натпревара, нема тренер или играч којшто ќе калкулира. Затоа и Веспрем е со сиот арсенал, а кога е така е носител на фаворитската улога. И денеска во полуфиналето со стандардниот Мешков Брест, но и на турнирот воопшто. Унгарскиот тим сака да ја задржи ланската круна од СЕХА конкуренцијата и со полна самодоверба да му пристапи на двомечот со Вардар којшто е последна меѓа до полуфиналето на европската шампионска лига. Белорускиот претставник сезонава победи во Скопје никој не смее да го потцени, но дали ќе има сили да му парира на Веспрем е прашање за одговор во преносот на Првиот канал на Македонската телевизија од 18 часот. Од 20 и 30 е дербито меѓу Вардар и Загреб, а половина час порано емисијата посветена на СЕХА лигата.