Ракомет – СЕХА лига

Битката е загубена, ракометната „војна“ не!

04.04.2016 11:47

Во вараждинската „Арена“ нашиот и унгарскиот претставник беа вистински гладијатори. Во беспоштедната финална битка од првиот до последниот момент можеше да биде и вака и онака. Впрочем, како што е кога играат два квалитативно блиски ривала.

Традицијата не се повтори. Во непарната СЕХА сезона Вардар не ја освои титулата. Веспрем беше пречката до третиот регионален пехар на македонскиот тим. Во вараждинската „Арена“ нашиот и унгарскиот претставник беа вистински гладијатори. Во беспоштедната финална битка од првиот до последниот момент можеше да биде и вака и онака. Впрочем, како што е кога играат два квалитативно блиски ривала.

„Ова беше тежок натпревар. Направивме неколку грешки, тие ги искористија и победија. Им честитам“, вели пикерот на Вардар Стојанче Стоилов.

Каде згреши Вардар? И дали воопшто згреши? Со Веспрем сезонава двапати играше нерешено, а во третиот дуел беше рамноправен. Одбрана повеќе на Штербик, само еден или два погодени зицера на Дибиров или на Стоилов, или подбора одбрана со играч повеќе. Или исклучениот Абутовиќ на располагање во сите 60 минути.

„Да, тоа е еден од клучните моменти. Со Абутовиќ во текот на целот меч, нашата одбрана ќе функционираше подобро“, заклучи Стоилов.

Два тешки натпревара во три дена на завршниот турнир од СЕХА лигата во Вараждин. Биланс победа и пораз против четвртфиналисти во Лигата на шампионите. Вардарци се привремено емотивно, а можеби и физички исцрпени. Но македонската априлска ракометна приказна ниту застана, ниту е завршена. За само четири дена вардаровите репрезентативци ќе го бараат патот до Олимпијадата во Рио. Секој во својот национален дрес.

„Овој пораз од Веспрем не може да има влијание на нас во врска со олимпискиот квалификациски турнир во Гдањаск“, категоричен е македонскиот репрезентативец Стоилов.

Една страница се архивира, се пишува друга. Олимписките квалификации се од петок до недела. Македонија против Полска, Тунис и Чиле, на Првиот канал на Македонската телевизија.