Кошарка - Прва лига 24 коло

МЗТ Скопје - Работнички секогаш ќе биде дерби

05.04.2016 18:22

И овојпат, во Јане Сандански кошаркарите на МЗТ Скопје ќе бидат фаворити, сега и дополнително мотивирани поради неочекуваниот пораз во Градски парк што е еден од само двата сезонава...

Речиси и дека нема дилеми дека аеродромци ќе стартуваат од најдобрата позиција и директно во полуфиналето од доигрувањето, но петтопласираниот Работнички пред седум кола покажа дека нема респект кон квалитетот на АБА лигашот. И овојпат, во Јане Сандански кошаркарите на МЗТ Скопје ќе бидат фаворити, сега и дополнително мотивирани поради неочекуваниот пораз во Градски парк што е еден од само двата сезонава. Токму од тој дуел трае серијата од шест победи на шампионот којшто во последните петнаесет меѓусебни пресметки има 12 триумфи и загуби само трипати. Затоа, пак, вкупната традиција е на страната на Работнички, 79:52.

Во другите мечеви од 24-то коло, денеска Фени Индустри ќе гостува кај последниот Бест за да остане во трка за второто, привилегирано место на табелата. Во директна пресметка за него, утре ќе играат Куманово, којшто има 38 бода како и кавадарчани, против Карпош Соколи којшто има предност од два бода. В среда, на домашен паркет Кожуф е во позиција да обезбеди плеј - оф и дефинитивно да ја отпише Струмица.