Папазов втор во Ц1, Мирчевски трет во К1

10.04.2016 16:14

Главниот наш адут Атанас Николовски трката ја заврши на третото место, но по завршување на натпреварот и вложената жалба доби 50 казнени поени и официјално е 9 -ти...

Украинецот Игор Цвиет е победник на 48 Илинденски кајак слалом, што се возеше на патеката Матка. Во финалната трка постигна резултат минута 39 секунди и 9 стотинки и за речиси 5 ипол секунди беше подобар од Хрватот Рен Корпес. Третото место го освои Борче Мирчевски со 12 секунди зад победникот. Главниот наш адут Атанас Николовски трката ја заврши на третото место, но по завршување на натпреварот и вложената жалба доби 50 казнени поени и официјално е 9 -ти. Со доста грешки во финалето во К1 настапија и Енис Небиовски и Љубомир Спасиќ кои беа 8 –ми, односно 10 ти. Затоа искусниот Роберт Папазов беше одличен во Ц1 каде што го освои второто место, зад Антонио Мариниќ од Хрватска, а пред Гркот Елефтериос Шацилабру.

Во К1 кај девојките најдобра Украинката Викторија Ус, а во Ц1 нејзината сонародничка Викторија Бохутска. Дводневните натпревари на реката Треска привлекоа 150 натпреварувачи од 14 земји и беа проверка за можностите на македонските репрезентативци кои ќе настапат на ЕП во Липтовски Микулаш во јуни, во обид да обезбедат олимписка виза за Рио. Покрај традиционалниот ИКАС, викендов СРЦ Матка беше домаќин и на Европскиот куп во спуст, а со високото ниво на организација КФМ очекува следната година да го добие Европското првенство во спуст.