Голден Стејт „падна“ во Хјустон, Торонто и Оклахома славеа на гости

22.04.2016 17:22

Одлично одиграа центрите Хауард и Мотјејунас кои остварија “дабл дабл“ со вкупно 27 поени 26 скокови.

Џејмс Харден постигна 35 поени 8 скокови и 9 асистенции во минималната победа на Хјустон против Голден Стејт од 97 :96, вклучувајќи го победоносниот кош на помалку од 3 секунди до крајот. Домашните почнаа жестоко и го добија првиот период со 31 :18 со  што најавија битка за првата победа во серијата. Одлично одиграа центрите Хауард и Мотјејунас кои остварија “дабл дабл“ со вкупно 27 поени 26 скокови. Сепак шампионот и без повредениот Стеф Кари постојано ја намалуваше разликата и беше конкурентен се до финишот. Најдобар беше резервистот Спреитс со 22 поена а Томпсон заврши со 17 поени, но не постигна ниту една тројка во 7 обиди. И четвртиот дуел се игра во Хјустон.

Во меѓувреме Оклахома Сити експресно му врати на Далас за домашниот пораз и ја врати предноста во серијата со убедливи 131 :102. Гостите водеа во текот на целиот меч и не дозволија неизвесност како во претходниот, кога беа поразени со еден поен. Кевин Дурант беше најефикасен со 34 поени, Расел Вестбрук постигна 26 и имаше 15 асистенции а од клупата Кантер придонесе со 21 поен а Веитерс со 19. Кај Далас Метјус со 22 поена, Фелтон со 18 и Новицки со 16 беа најзабележителни, но немаа поддршка од резервистите. И Торонто славеше на гости против Индијана со 101 :85 со што за првпат поведе во серијата со 2:1. Канаѓаните го добија полувремето со 15 разлика, што беше недостижно за домашниот состав. Ол стар играчите Демар Де Роузан и Кајл Лаури постигнаа по 21 поен а Јонас Валанчиунас царуваше под кошевите со 14 скокови, додека кај Индијана единствена светла точка беше Пол Џорџ со 25 поени, 10 скокови но погоди само една тројка од 8 обиди. Четвртиот натпревар се игра исто така во Индијана. Вечерва се играат три натпревари во кои домашните ќе се обидат да дојдат до првата победа, Бостон ја пречекува Атланта, Детроит Кливленд а Мемфис Сан Антонио.