Познати наградените на фестивалот „Цветници“ 2016

24.04.2016 15:14

Во студиото 1 на МТВ во сабота на 23.04.2016 година, во предвечерието на големиот Христијански празник Цветници, се одржа 17- тото издание на фестивалскиот бренд на МРТ од областа на народната музика „Цветници“ 2016.

По старата и добра традиција од самиот почеток на етаблирање на овој музички фестивал, комплетната изведба беше во живо, а за врвното музичко доживување се погрижи големиот Народен Оркестар на МРТ под раководство на уметнчкиот директор на фестивалот Никола Мицевски.

Првата награда на фестивалот и беше доделена на Зуица Лазова којашто настапи со композицијата: „Нема да си дозволам“ на авторите: музика и аранжман на Никола Автовски и стихови на Борче Нечовски.

Втората награда и се додели на Сузана Спасовска за композицијата: „Земјата на сонцето“ на авторите Љупчо Чедомирски - автор на музика и аранжман и Елвир Мекиќ како текстописец.

Третата награда според мислењето на стручното жири и македонскиот аудиториум и беше доделена на композицијата „Се за тебе Софке“ за којашто музиката и аранжманот ги напиша Златко Миладиновски а текстот Ѓорѓи Калајџиев. Истата беше изведена од Влатко Миладиновски.

Потсетуваме дека за победниците, според евровизискиот принцип на гласање, одлучуваа гласовите на стручно жири и гласовите од телевоутингот во однос 50:50 %. Доколку две песни имаат подеднаков број гласови, според евровизискиот принцип на гласање и Правилата на фестивалот, повисоко се рангира песната којашто има поголем број на поени од страна на стручното жири, што во оваа ситуација беше песната на Зуица Лазова.

Членови на стручното жири на годинашното издание на фестивалот „Цветници“ 2016 беа: Орце Гелевски, Борче Брзанов, Тоде Спасовски, Марија Велковска и Јпшко Бошковски - музички уредници во Македонската Радио Телевизија.

„Наградата за животно дело“ - специјална статуетка и вредност од 60.000 денари, Македонската Радио Телевизија им ја доделува на личности коишто својот професионален и личен кредибилитет го вградиле во создавањето и афирмирањето на македонскиот музички идиом, како белег на националниот културен идентитет

Оваа година, наградата и се додели на дамата со уникатен вокално уметнички израз и долгогодишен ексклузивец на музичката продукција на МРТ, доајен на македонската народната песна: Вања Лазарова Димитровска.

Наградата во име на МРТ ја врачи уметничкиот директор на фестивалот Никола Мицевски којшто при тоа изјави дека „Наградата за животно дело е само симбол на благодарност за афирмацијата и наследството коешто Вања Лазарова и доајените на македонската народна песна го оставија како сведоштво за нашата музичка историја“.

Видно возбудена и трогната од овациите и долготрајниот аплауз на публиката и членовите на Големиот Народен оркестар, дигнати на нозе во знак на почит, легендата на македонската народна песна Вања Лазарова, само кратко се заблагодари со зборовите „ И благодарам на мојата куќа за наградата и за се што таа направи за мене„.

МРТ им се заблагодарува на сите учесници на фестивалот, со надеж дека песните од 17 тото издание на фестивалот „Цветници“ не само што дополнително ќе ја збогати македонската музичка ризница, туку дека и голем број од истите ќе станат вистински хитови.

Во прилог погледнете ги гласовите на стручното жири и телевоутингот на „Цветници 2016“.