Кошарка - НБА

Оклахома во второто плеј - оф коло

26.04.2016 18:54

На Расел Вестбрук му недостигаше само уште една асистенција за да оствари „трипл - дабл“, покрак девете додавања, реализираше 36 поени и 12 скока. Расположен со 33 коша беше и Кевин Дурент.

По трите синоќешни НБА дуели, во две пресметки е израмнето, додека Оклахома обезбеди второ плеј - оф коло во западната конференција против Сан Антонио. Тандерс со 4:1 го елиминираа Далас откако славеа со 118:104. На Расел Вестбрук му недостигаше само уште една асистенција за да оствари „трипл - дабл“, покрак девете додавања, реализираше 36 поени и 12 скока. Расположен со 33 коша беше и Кевин Дурент. Поради многу повредени, Далас настапи со осум кошаркари, меѓу нив најефикасен беше Дирк Новицки со 24 поени. 37 годишниот Германец можеби го одигра последниот НБА натпревар во кариерата.

Портланд, пак, израмни на 2:2 против Клиперс со триумфот од 98:94. Ал Фарук Амину беше прв стрелец со личен рекорд од 30 коша. Иако се уште ја има предноста на домашниот паркет, најголем проблем за екипата од Лос Анџелес ќе биде скршеницата на раката на најдобриот кошаркар, Крис Пол за кого најверојатно сезоната е завршена. Четвртиот меч поради повреда на бутниот мускул не го заврши ниту Блејк Грифин. Дополнителните минимум два натпревара  во оваа серија му одговараат на Голдден Стејт којшто води против Хјустон со 3:1 затоашто најдобриот кошаркар во лигата Стеф Кари ќе паузира најмалку две недели.

2:2 е и во источниот дуел меѓу Шарлот и Мајами. Хорнетс победија со 89:85 најмногу благодарение на 34-те поени на Кемба Вокер.