МЗТ Скопје кон петтата, Куманово кон првата титула

18.05.2016 15:02

Иако почнуваат од нула, актуелниот шампион е во предност, и поради домашниот паркет во евентуална мајсторка, и поради 8 дена одмор по полуфиналната победа над Фени Индустри од 3 :0, за разлика од Кумановци, кои пред три дена ја завршија серијата против Карпош Соколи.

МЗТ Скопје и Куманово вечерва во СЦ „Јане Сандански“ стартуваат во финалната „плеј оф“ серија од кошаркарското првенство на Македонија. За тимот од главниот град тоа е 11 финале или 5-то едноподруго , во кое ќе се борат за својата 5-та титула. Куманово во третиот финален настап ќе игра за својот прв шампионски трофеј, откако загубија во мечот за титулата во 2002 и минатата година. Воедно за нив ова е можност за реванш против ривалот од кој беа експресно поразени во 3 меча.

Иако почнуваат од нула, актуелниот шампион е во предност, и поради домашниот паркет во евентуална мајсторка, и поради 8 дена одмор по полуфиналната победа над Фени Индустри од 3 :0, за разлика од Кумановци, кои пред три дена ја завршија серијата против Карпош Соколи. Ако се земат предвид и трите четвртфинални настапи против Работнички, кошаркарите на Куманово одиграа 8 натпревари, или 5 повеќе од МЗТ, кој одмораше во таа фаза. Сепак, никој не смее да помислува на замор, особено по двете последни партии против Карпош Соколи, кои ги одиграа на високо ниво. Добрата вест е блескавата игра на репрезентативното трио Костоски, Симоновски и Трајковски, како ретко кога двапати по ред.

Од друга страна, главните адути на бранителот на титулата е екс миленикот на Куманово Урош Луковиќ, а покрај легијата странци и капитенот Стојановски, единствениот домашен играч меѓу стартерите. Сезонава во четирите пресметки решавачки секогаш беше домашниот терен, а може ли Куманово да ја промени традицијата и да слави на гости, ќе видиме вечерва.