Сите политички фактори да се посветат на процесот на евроинтеграции

Ричард Ховит во посета на Македонија

31.10.2013 11:45

Не се проблем само двата соседа, има и други земји-членки кои имаат дилема дека Македонија е подготвена за преговори – ова е проценката на известувачот во европарламентот, Ричард Ховит

Ховит денеска ќе се сретне со шефот на дипломатијата Никола Попоски, а се очекува да присуствува и на седниците на собраниската Комисија за европски прашања и на Националниот совет за евроинтеграции, на кои треба да биде презентиран Извештајот на ЕК за земјата. 
 
Покрај Извештајот на ЕК, на средбите што ќе ги има Ховит ќе стане збор и за очекувањата од декемврискиот Европски совет, кој треба да одлучува за петтата по ред препорака за почнување на преговорите со Македонија.
 
Ховит во минатонеделното интервју за МИА рече дека посетата е дел од подготовките за неговата Предлог резолуција за Македонија, како и да види како се спроведува Меморандумот за евроатлантски интеграции што го потпишаа политичките партии. Ќе апелира до сите политички фактори да се посветат на процесот на евроинтеграции. 
 
Уште една работа на која ќе се фокусира за време на престојот во Македонија, како што најави, ќе биде и слободата на изразување, за што ќе разговара со владини претставници и со претставници на новинарски здруженија.