Фудбал - ЕП Франција 2016

Шпанија тргнува по третата титула по ред

13.06.2016 10:45

Шпанија е единствената којашто ја одбранила титулата, нема пораз на Европските првенства од 20 јуни 2004-та и е без примен погодок 510 минути...

Европскиот шампион Шпанија ја почнува одбраната на титулата, четвртиот ден на фудбалското континентално првенство го содржи првото дерби, Белгија -Италија. 
 
Шпанците тврдат дека поразот од 137-та Грузија и наводниот секс скандал не влијаеле на атмосферата и на психолошката поготовка и дека нема да и дозволат прва победа на Чешка во петте меѓусебни дуели. Де Хеа најверојатно ќе добие предност пред Касиљас, Мората се опорави, Давид Силва би требало да го одигра стотиот репрезентативен меч. Покрај квалитетот на црвената фурија, Чесите во дуелот од групата Д во Стразбур ќе се соочат и со супер позитивните бројки на противникот. Шпанија е единствената којашто ја одбранила титулата, нема пораз на Европските првенства од 20 јуни 2004-та и е без примен погодок 510 минути. Спротивно, со 14-те гола во својата мрежа, Чешка ја имаше најслабата одбрана во квалификациите, а прими гол на последните шест натпревари на коишто има само еден триумф. Добра вест за финалистот од 1996-та е што Докал ќе игра, додека алтернатива за суспендираниот Сухи ќе биде Кадлец или Хубник. 
 
После подолго време Белгија нема да биде аутсајдер во дуелот со Италија иако загуби пет од последните седум меча на првенствата. Хармонијата демонстрирана низ квалификациите и даваат за право на оваа генерација, наречена златна, дека може да го достигне финалето од пред 36 години. Најголем проблем во мечот во Лион од групата Е ќе биде отсуството на повредените Компани, Ломбардс, Енгелс и на Бојата кои не ни допатуваа во Франција. Азар имаше мала повреда, но е подготвен лошата клупска сезона да ја замени со репрезентативна експлозија. И Италијанците не се комплетни бидејќи Маркизио, Монтоливо и Верати не се опоравија навреме, но се меѓу четирите селекции коишто ги минаа квалификациите без пораз. Азурите се рекордери со 15 нерешни на шампионатите, но Конте најавува офанзивна варијанта со Ел Шарави и Кандрева како поддршка за Пепе. Италија има 13 победи и по четири реми и порази од Белгија, невообичаеното во меѓусебната традиција е тоа што во последните пет пресметки беа постигнати 18 гола. 
 
Нема фаворит во дуелот од истата конкуренција меѓу Република Ирска и Шведска на Стад Д Франс во Париз. Ирците никогаш не ја минале групата и со четири врзани порази ја имаат најлошата серија  во историјата на шампионатите. Повредите се дел од двата табора, но се очекува да играат и Кин, Мекарти, Волтерс и Екдал. Првата шведска ѕвезда, Ибрахимовиќ нема гол во трите дуели со Ирците, но вкупно има шест или три помалку од рекордерот Платини. Викинзите имаат подобра традиција, но Ирска нема примено гол во последните три меѓусебни соочувања.
 
Шпанија - Чешка 15, Република Ирска - Шведска 18 и Белгија - Италија 21 часот, ексклузивно на МТВ1. 
 
Горан Стерјов- специјален известувач од Франција за МТВ