Фудбал - ЕУРО Франција 2016

Следува вистинското Европско првенство

23.06.2016 08:20

Со мали исклучоци, фудбалот не воодушеви, робувањето на тактиката стана модерно, во многу натпревари беше важно да не се загуби, но според квалитеот просекот е достигнат.

Новиот формат со 24 репрезентации автоматски значи поинакво Европско првенство, но сепак теренот, а не хартијата влијае на невообичаената фаза по групи на 15-от фудбалски континентален шампионат. Разочарувања нема, не е елиминирана ниту една високорангирана репрезенатција, неисполнети очекувања има, потфрлија Русија, Украина, Турција, Австрија, можеби не беше во математиките и брзото репрезентативно пензионирање на „Златниот“ Швеѓанец, Ибрахимовиќ.

Можноста четири од шесте третопласирани репрезентации да влезат во осминафиналето им озвозможи на великаните да калкулираат, да не форсираат, па со тоа ниту да импресионираат, а на таканаречените „мали“ да ја осварат својата желба, но и идеата на промоторот на ваквиот фудбалски развој, екс - претседателот на УЕФА, Мишел Платини.

Со мали исклучоци, фудбалот не воодушеви, робувањето на тактиката стана модерно, во многу натпревари беше важно да не се загуби, но според квалитеот просекот е достигнат.

И сега, по 36 натпревари привлечноста на ова првенство е конфигурацијата на нокаут сегментот. Не беше планирано, можеби ниту посакувано и премногу рано, но фаворитите веднаш ќе се пресметаат меѓусебе и ќе им остават простор на вечните сонувачи да се вмешаат во распредалбата на славата, па во големото друштво се најдоа четворица од петте дебитанти, Велс, Словачка, Северна Ирска, Исланд, елиминирана е само Албанија. Раритет е и освојувањето на „островото на континентот“, па освен Шкотска којашто не е во Франција, сите четири репрезентации од западната страна на Ла Манш се во друштвото на 16-те.

Тројца европски прваци со вкупно осум титули и пет светски шампиони со 11 трофеи ќе треба низ заедничко чистилиште да бараат пеколен пат до финалето. Оттаму,  осминафиналето ќе содржи реприза на последното финале, Италија- Шпанија и потенцијални четвртфиналиња од типот на дуел на рекордерите со три титули Германија против црвената фурија или, пак, против азурите, како и можна пресметка Франција - Англија.

Посиромашната половина, пак, има двајца некогашни финалисти, но тоа не значи дека нема да понуди возбудувања без разлика што централниот дуел е меѓу разиграната Хрватска и опасната Роналдо - Португалија. Површниот поглед вели дека на победникот од овој дуел, како и на поединечно силната Белгија им е отворен просторот кон завршицата, но зарем сега некој може да ги отпише Бејл, Левандовски и нивните компании, дисциплинираните и френетично борбени Северноирци и Унгарци и да го потцени потенцијалот на Швајцарците.

Велат секое вистинско големо натпреварување почнува по првите слободни денови со елиминациската рунда во којашто не важат напишаните, туку правилата на најважната споредна работа на светот. По два дена без играта којашто со лебот и солта значи живот, следуваат осминафиналните возбудувувања и преносите на Македонската телевизија, в сабота од 15.00, Швајцарија - Полска, 18.00 Велс - Северна Ирска и за уживање со сите сетила, Хрватска - Португалија во 21 часот. По нив, в недела, Франција - Република Ирска, Германија - Словачка и Унгарија – Белгија, па в понеделник, борбата на титаните, Италија - Шпанија и Англија - Исланд.