Фудбал - ЕП Франција 2016

Хрватската игра или португалската статистика!

24.06.2016 18:04

Хрватска - Португалија в сабота во 21 часот ексклузивно на Македонската телевизија...

Еуфорија во Хрватска предизвикана од добрите игри и пред се од победата против Шпанија, оптимизам во Португалија базиран на позитивната статистика и на разбудениот Кристијано Роналдо, во пресрет на осминафиналниот дуел на Европското првенство во фудбал во Франција. Хрватите најавуваат дека имаат генерација на нивото на бронзената, Португалците, пак, дека  допрва престои најдоброто од нив.

Кога би играле бројките, тогаш Португалија веќе би била во четвртфиналето, но фудбалските елементи не и дозволуваат да биде фаворит, ниту на хартија. Хрватска досега презентираше најсигурен фудбал, имаше контрола и без главниот Модриќ, како и без Манџукиќ, тактички не дозволи никому да биде помудар без разлика што на селекторот Чачиќ се уште ќе му биде потребно време да ги убеди неверниците дека вреди. Црниот период со Чешка е од нефудбалски карактер, па затоа не е мерило.

Португалија, пак се протна во осминафиналето со три нерешени благодарение на новиот систем, но зад неа се позитивни параметри без разлика колку не коренспондираат со оствареното на теренот. Португалците секогаш се пласирале во нокаут сегментот, на овој шампионат се најдобри во упатени удари на гол, во дозволени шутеви кон својот чувар на мрежата и во уфлувања од страничките позиции, а трети според поседот на топката и прецизните додавања. Промашениот пенал против Австрија како да го налути Кристијано Роналдо кој сега е рекордер со 17 мечеви на континенталните првенства, единствен со постинати погодоци на четири шампионати и со двата гола против Унгарија, вкупно осум, е на само еден од најдоброто постигнување на Платини.

Но, во фудбалот статистиката не влијае, па на стадионот Болар Делели нема да биде важно што Хрватска ги загуби трите досегашни пресметки од Португалија и тоа без постигнат гол. Во единствената на големите натпреварувања изостана набојот затоа што на ЕУРО 96-та, Хрватска веќе имаше обезбедено нокаут фаза кога во последното коло со комбиниран тим загуби од Португалија со 3:0.

Хрватите овојпат ќе бидат комплетни, Модриќ и Манџукиќ се опоравија, но Чачиќ потајно размислува и за варијанта со Калиниќ во нападот. Левиот бек на Португалија Гереиро кој го пропушти дуелот со Унгарија тренираше, додека неизвесен е настапот на играчот од средината, Гомеш.

Натпреварот ќе го суди Карбаљо, Хрватите велат арбитрот кој досега бил најнесигурен иако со него на центарот славеа и во двата меча. Шпанецот не им судел на Португалците.

Пред 18 години токму од Ленс со победата против Јамајка од 3:1, Хрватска тргна кон мундијалската слава, пред 32, пак, Португалија како дебитантот во Франција стигна до првото од своите четири полуфиналиња на Европските првенства.

Хрватска - Португалија в сабота во 21 часот ексклузивно на Македонската телевизија.

Од Франција за Македонската телевизија, Горан Стерјов