Фудбал – ЕУРО 2016

Себританско осминафинале во Париз

24.06.2016 21:08

Велшаните и Ирците веќе го обоија Париз во пресрет на нивниот утрешен дуел од осминафиналето. Две мали фудбалски нации со големо срце и страст. Таков е описот на судирот на „Паркот на принцовите“...

Британците гласаа и излегоа од Европската унија, но нивниот фудбал е општоприсутен на ЕУРО 2016. Велшаните и Ирците веќе го обоија Париз во пресрет на нивниот утрешен дуел од осминафиналето. Две мали фудбалски нации со големо срце и страст. Таков е описот на судирот на „Паркот на принцовите“ во којшто дебитаните на континенталните собири имаат шанса за влез меѓу осумте и одеднаш имаат големи апетити. „Наша крајна цел е да станеме европски прваци“, вели велшкиот маг Герет Бејл. „Ние можеме да одиме до крај“, смета најдобриот стрелец на Северна Ирска Кајл Лаферти.

Но „црвениот ѕид“ е фаворит. Велс доби два натпревара на првенството и даде шест гола! Тоа е повеќе од Германија, Шпанија, Хрватска, Белгија. Впрочем, само Унгарците постигнаа еднаков број голови како Велшаните коишто за разлика од Северна Ирска можат да се потпрат и на тимскиот дух, но и на индивидуалните квалитети на Бејл, на Ремзи, на Ален. „Зелениот бран“ се протна со триумф над Украина, но од Германија и од Полска прими само по еден гол што открива каков беше пристапот на селекторот Мајкл О Нил. Северна Ирска е подефанзивна репрезентација којашто постигна само два гола досега на првенството, а на два меча не ја затресе противничката мрежа. Значи, британското осминафинале треба да биде пресметка на нападот на Велс и на ослабената одбрана на Северна Ирска во којашто ќе ги нема суспендираните Џони Еванс и Кеткарт. Два картона имаат и Далас и Ворд. Тоа значи дека во однос на средбата со Германија, О Нил ќе мора да направи најмалку четири замени.

Велшкиот селектор Крис Колман не може да смета на стандардниот Бен Дејвис од Тотенхем што ќе овозможи Лаферти да има поголеми шанси за успех во противничкиот шеснаесетник. Седумкратниот стрелец во квалификациите се уште е во голгетерски молк на турнирот. Затоа, пак, гласен е Герет Бејл кој погоди на сите три меча на ЕУРО, а сметајќи ги и асистенциите учествуваше како стрелец или како додавач во 82 процента од головите на Велс во квалификациите и на шампионатот. Оттука, јасно е што треба да направи Северна Ирска ако сака да го повтори успехот од Светското првенство во 1958-ма кога играше четврфтинале. Токму на тој Мундијал и Велшаните беа меѓу осумте најдобри.

За да го повторат тоа остварување тие треба да се израдуваат на 45-тата, а Ирците на 27-та победа во меѓусебните дуели на коишто Велс е во серија од четири триумфи и четири нерешени по последната победа на Северна Ирска во 1980-тата.  Себританскиот натпревар на „Паркот на принцовите“ е второ осминафинале на ЕУРО, а ќе почне со судискиот свиреж на Англичанецот Мартин Еткинсон. УЕФА се водеше од тоа дека „цело е кога има се“.