Фудбал, ЕУРО 2016

Швајцарија и Полска ја отвораат нокаут-фазата

24.06.2016 21:10

Со пет бода, Швајцарците беа втори во групата „А“. На победата од 1-0 против Албанија од 1-0 надоврзаа реми 1-1 со Романија, а потоа одиграа без голови со домаќинот Франција...

Осминафиналето на фудбалското ЕУРО ќе го почнат в сабота Швајцарија и Полска. Во Сент Етјен двобој на селекциите коишто завршија второпласирани и првпат ќе бидат дел од нокаут-фазата.

Со пет бода, Швајцарците беа втори во групата „А“. На победата од 1-0 против Албанија од 1-0 надоврзаа реми 1-1 со Романија, а потоа одиграа без голови со домаќинот Франција. Со две признанија играч на натпреварот, Гранит Џака остави најсилен впечаток. Само Германецот Тони Крос има повеќе успешни додавања од него во групната фаза. Досега не доживеа пораз, но селекцијата на Владимир Петковиќ ќе треба да покаже и повеќе, ако сака да продолжи и понатаму, против поуспешниот од мечот Хрватска-Португалија. Поголеми шанси ќе има ако во меѓувреме најде лек за неефикасноста. Досега за неа не плати висока цена.

Недоречени во нападот се и Полјаците. Иако дадоа само два гола, се една од четирите селекции коишто освоија по седум бода во трите кола. Поради послаба гол-разлика завршија зад Германија во групата „Ц“, откако прво со 1-0 ја победија Северна Ирска, па одиграа 0-0 со светскиот првак, за на крајот со 1-0 да бидат подобри и од Украина. Иако беше еден од кандидатите за „златна копачка“ на турнирот, најдобриот стрелец во квалификациите Роберт Левандовски се уште не блеснал досега. Во полскиот табор се надеваат дека тој во вистински момент ќе ја пронајде врвната голгетерска форма, но и оти одбраната ќе остане на највисоко ниво. Заедно со Германија, Полска е единствената селекција којашто не прими гол..

Традицијата е нејзин сојузник пред мечот којшто почнува во 15 часот.. Во десетте меѓусебни средби досега, Полска победила четири пати, а Швајцарија само еднаш.