Фудбал – ЕУРО 2016

Велс ја доби британската пресметка со Северна Ирска

25.06.2016 20:10

Автоголот на Герет Мек Оули во 75-тата минута ја направи разликата на теренот на „Паркот на пронцовите“ во Париз.

Велс не беше подобар на теренот од Северна Ирска, но триумфираше со 1-0 и ќе игра во четвртфиналето на Европскиот фубалски шампионат во Франција. Автоголот на Герет Мек Оули во 75-тата минута ја направи разликата на теренот на „Паркот на пронцовите“ во Париз.

Ирците беа тактички позрели, го затворија просторот за игра на Велшаните кои не можеа да ја додадат топката во вистинската зона за Бејл и за Ремзи. Дури и ги имаа двете закани во првиот дел, во којшто најпрво Далас, а потоа и Ворд го тестираа голманот Хенеси. Велс долго бараше начин да влезе во ритам и да создаде течна игра, а првиот прецизен шут кон голот го упати Герет Бејл во 58-та минута. Од иста позиција од којашто го погоди голот на Словачка во првото коло, биеше во неговите рамки, но Мек Говерн се најде на вистинското место. Сепак, голманот на Северна Ирска не можеше ништо да стори кога по центаршутот на Бејл, Мек Оули мораше да игра со топката за да спречи Робсон Кану да реализира. И не мораше, затоа што по неговата интервенција, топката заврши во мрежата.

До крајот Велс се одбрани, па обезбеди прво четвртфинале на големите собири по цели 58 години. Тогаш испадна од Бразил на Светското првенство со голот на Пеле. А сега, откако го повтори, генерацијата на Бејл ќе се обиде и да го надгради успехот против подобриот  од дуелот меѓу Унгарија и Белгија.