Фудбал, ЕУРО 2016, осминафинале

Промоција на уште три четвртфиналисти

26.06.2016 13:13

Полска и Португалија ја формираа првата четвртфинална двојка, меѓу најдобрите осум од вчера е и Велс, а денов ќе го даде и неговиот противник во фазата на најдобрите осум селекции на фудбалското ЕУРО во Франција.

Неделната тројна осминафинална програма од 15 часот во Лион ќе почне со дуелот меѓу домаќинот и Република Ирска. Веднаш ќе ги врати сеќавањата седум години наназад, на голот на Вилијам Галас по играта на Тјери Анри со рака, којшто преку баражот ги одведе „триколорите“ на Мундијалот 2010. Ирците ќе сонуваат за реванш, но Французите немаат сентименталност. Веруваат дека нема на ова скалило да бидат запрени на патот кон европската слава. Не блескаа во двете победи од по 2-0 над Романија и над Албанија во групната фаза, со Швајцарија и уште помалку, но за големите турнирот сега почнува. А Французите се сметаат и се големи во споредба со Ирска, иако „зелените“ од островот како третопласирани во група преку Италија се пробија во нокаут-делот.

Германија сака да појде по стапките на Шпанија од пред четири години и ова лето да ги обедини светската и европската титула. Во делот од шампионатот на којшто не се дозволени грешки, прва пред неа од 18 часот во Лил застанува Словачка. Како турнирски тим којшто од меч во меч напредува, „Маншафтот“ на Јоаким Лев нема намера да запре. Посебно не сега, кога во Марио Гомез доби вистински водач во нападот и кога почна да работи безмалку на масимален погон. Словачка ја оствари целта. Во дебито на европските првенства ја мина групната фаза, но не смее да се потцени. На Хамшик и на неговото друштво им одговара кога играат со посилни, тогаш контранападите им се најголемата сила. Особено што Германците непосредно пред првенствово добија опомена од Словачка, којашто со 3-1 ги доби на пријателската средба во Хановер. Во последнава година словаците имаат победи и против Италија и против Шпанија, па Германија не смее однапред да се види во четвртфиналето.

Вечерниот термин од 21 часот ќе биде резервиран за Унгарија и за Белгија. Мечот во Тулуз ќе го даде ривалот на Велс во наредната рунда. Полесниот пат кон завршницата е крупна мамка и за двете репрезентации. Унгарците неочекувано беа на врвот на нивната група. Еден лош меч Белгија ја чинеше само второ место во нејзиното друштво, но вкрстувањето и е по мера, иако Марк Вилмотс вели дека попрво би играл во осминафиналето со Шпанија или со Англија, отколку со Унгарија. Прашање дали некогаш неговата селекција ќе има широко отворен простор пред себе за да покаже дека не случајно е втора на светот според  ФИФА ранкингот.

Сите три натпревари од Франција и денеска, во директни преноси на МРТ-1.